Карни со апел до жителите на Алберта да ја отфрлат иницијативата за отцепување од Канада
Премиерот на Канада, Марк Карни ги повика жителите на провинцијата Алберта да ја отфрлат иницијативата за отцепување од Канада на претстојниот референдум, што ќе се одржи на 19 октомври.

– Референдумот доаѓа во најлошиот можен момент. Светот станува се поопасен и поделен. Има такви надвор од нашите граници, кои се обидуваат да нè поделат и да нè стават под своја контрола, истакна Карни на синожешниот митинг во Калгари, на кој учествуваа околу 5.000 луѓе.
Тој не ги спомна САД, но алудираше на трговската војна на американскиот претседател Доналд Трамп со Канада и неговите постојани закани дека земјата ќе стане 51-ва американска држава.
Гласањето в понеделник нема да биде директен референдум за независност. Жителите на Алберта ќе одлучат дали покраината треба да остане дел од Канада или дали ќе ѝ наложат на својата покраинска влада да започне правен процес за организирање на иден референдум за отцепување.
Карни призна дека многу жители на Алберта се легитимно незадоволни од федералните политики, но предупреди дека гласањето за отцепување би довело до години длабока поделба и неизвесност.
Премиерката на Алберта, Даниел Смит, која го организира референдумот, посочи дека Алберта ќе остане дел од Канада. Сепак, сепаратистичките групи веруваат дека гласањето би можело да ја зајакне позицијата на Алберта во преговорите со федералната влада во Отава.






