Сијарто: Двојни стандарди во ЕУ кон Србија, но и во однос на блокадите кон Северна Македонија

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, изјави дека е очигледно оти Европската Унија применува двојни стандарди во процесот на проширување, посочувајќи на диспропорцијата во третманот на Србија, но и на пречките во интеграцијата на Северна Македонија.

Во интервју за српската јавна телевизија РТС, Сијарто ја истакна диспропорцијата во третманот на Србија во споредба со другите земји-кандидати.

– Мислам дека за сите е очигледно оти ЕУ применува двојни стандарди и кон Србија. Зошто? Погледнете ја на пример Украина. Дали некој со здрав разум ќе поверува дека Украина е во подобра состојба од Србија како кандидат? Дали некој сериозно мисли дека Украина е поподготвена да се приклучи на ЕУ отколку Србија?, праша Сијарто.

Според него, Украина е преферирана на сметка на Србија, која тој ја смета за многу подобро подготвена за пристапување.

– Во последните 11 години, откако седам на масата со европските министри за надворешни работи и разговараме за проширување, најчесто се слуша дека процесот треба да се заснова на заслуги. (…) Србија тоа го постигна, а Украина – воопшто не, нагласи Сијарто.

Тој се осврна и на идејата за донесување одлуки во ЕУ со квалификувано мнозинство наместо со едногласност, што се појави поради различното мислење на Будимпешта. Тој и тоа го оцени како двоен стандард, давајќи ги за пример Бугарија и Романија.

– Ова се двојни стандарди. Тоа е јасно. Што се случи со Романија и Бугарија одамна. Тие беа подготвени да се приклучат на Шенген зоната, но поради ветото од Австрија, а потоа и од Холандија, не можеа да се приклучат. Дали некој ги обвини Холанѓаните или Австријците дека го злоупотребуваат правото на вето, дека го нарушуваат европското единство. Не. Ова се двојните стандарди за кои зборувам. Ако некоја централноевропска земја каже „не“ на нешто, тоа е веднаш неприфатливо и го поткопува европското единство, и дека е шпион на Путин.

Погледнете што се случува со вашиот процес на пристапување кон Европската Унија. Пред многу години, Европската комисија му предложи на Европскиот совет да го отвори следниот кластер поглавја со Србија со цел да се продолжат преговорите за пристапување. И што се случи? Некои земји-членки не се согласија и оваа одлука не беше усвоена. Дали некој ги обвини тогаш за поткопување на европското единство? Секако не. Грција ги блокираше преговорите за пристапување со Северна Македонија речиси една деценија. Дали некој ги обвини Грците за поткопување на европското единство? Не. Сега, Бугарите критикуваат, тие имаат некои предуслови. Дали некој ги критикуваше Бугарите? Секако не. Значи, ова се двојни стандарди, истакна унгарскиот министер.

– Унгарија секогаш се наведува како виновник, бидејќи имаме влада која успешно работи, но не е во согласност со политичките вкусови на Брисел, бидејќи се спротивставуваме на војната, бидејќи се спротивставуваме на миграцијата, родовата пропаганда и поради сето тоа, секогаш кога не се согласуваме со нешто на што имаме право, така функционира Европската Унија, таа е основана на таков начин што мора да се постигне едногласност и тоа се основните вредности на Европската Унија дека едногласноста е неопходна, а ако Унгарија има различно мислење, веднаш сме стигматизирани, посочи Сијарто во интервјуто за РТС.

Back to top button
Close