Првата електронска алка ќе ја носи 79-годишен велешанец, осуден на 3 месеци куќен затвор


Седумдесет и деветгодишен велешенец е првиот осуден во државата на куќен затвор, поради што и наскоро ќе биде првиот кој со електронска алка на ногата ќе ја издржува 3 месечната казна во својот дом.

Информацијата за ,,Фокус” ја споделуваат од Управата за извршување на санкции, откако прашавме дали почна употребата на електронски алки.

-Првата пресуда со која е изречен куќен затвор е донесена од страна на велешкиот суд. Истата се однесува за 79 годишно осудено лице на кое му е изречен куќен затвор во траење од 3 месеци. Лицето бараше судот да го одложи извршувањето, но истото е одбиено, што значи дека пресудата набрзо ќе почне да се извршува, односно по подготовка на индивидуална програма од страна на пробациски службеник ќе биде поставена опремата за електронски надзор на осуденото лице, ни одговорија од Управата за извршување на санкции.

Велешанецот е осуден откако бил кривично гонет за член 190-а, став 2 од КЗ, односно за полово вознемирување.

Во мај годинава, директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, најави дека во функција се ставаат електронските алки, односно можноста во Македонија да имаме затвореници во куќен затвор кои ќе бидат под електронски надзор.

Тој тогаш посочи дека алките се голема работа со оглед дека во затворите низ земјава имаме 2300 затвореници и 400 притвореници. Во дел од затворите има над 100% исполнетост на капацитетот и оттаму основната намена на алките е да се намали затворската популација.

Тогаш беше споделен и податок дека 60 осуденици веќе аплицирале за да добијат алки.

-Позитивните закони овозможуваат на три категории затвореници да имаат алки – на стари и изнемоштени лица, бремени жени или мајки со мали дечиња или на тешко болни и лица со инвалидитет. Самите затвори можат да побараат за одредена категорија на осуденици, кажа Пандов.

Управата за санкции формираше одделение за електронски надзор. Ако осуденикот се одалечи од периметарот или ако го помести рутерот, алката покажува црвено и сигнализира. Од УИС потоа се јавуваат на осуденото лице затоа што во секој рутер има сим-картичка.

-Ако тој не се јави, има право на едно негово блиско лице кое може да се јави. Ако и тој не се јави, се јавуваме во полиција. Верувам дека човек кој што ќе добие алка дека нема да си дозволи да ја злоупотребува, појаснуваше Пандов кој сподели и дека еден затвореник ја чини државата над 2000 денари дневно.

Back to top button
Close