Протести во Брисел и Намур по израелското пресретнувањето на флотилата со помош за Газа

Неколку стотици лица се собраа синоќа пред белгиското Министерство за надворешни работи во центарот на Брисел на протест поради пресретнувањето на неколку бродови од флотилата со хуманитарна помош за Газа од страна на израелските сили.

Демонстрантите го осудија пресретнувањето, оквалификувајќи го како „илегален напад“ од страна на израелската армија и побараа заштита за лицата кои се наоѓаат на бродовите, меѓу кои има и седум белгиски државјани.

Бриселската полициска управа информира дека протестот минал мирно и без инциденти.

Дополнително, како што објавија локалните медиуми, околу 50 демонстранти доцна синоќа се собрале и пред домот на белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево во градот Намур, со цел да извршат притисок врз него да преземе посилни дипломатски мерки.

– Сакаме да покажеме дека последиците од неговата пасивност не запираат пред вратите на неговата канцеларија, порача еден од демонстрантите.

За денеска се очекуваат нови протести ширум Белгија, а преку социјалните мрежи се организираат собири во повеќе градови, меѓу кои и во Брисел, Гент, Лувен, Лиеж и Намур.

Протестите се одржаа по медиумските извештаи дека припадници на израелските безбедносни сили вчера попладне околу 16 часот по средноевропско време се истовариле на 13 бродови од флотилата, додека тие, според организаторите на конвојот, се наоѓале во меѓународни територијални води крај бреговите на Газа и Израел.

Инаку, слични протести за осуда на пресретнувањето на дел од флотилата синоќа се одржаа во неколку други европски градови, меѓу кои и во Париз, Берлин, Рим, Атина, Стокхолм, Истанбул и Барселона.

Back to top button
Close