Протести во Италија против блокадата на бродовите од флотилата за Газа, кои превезуваат и италијански граѓани

Блокадата на бродовите од меѓународната хуманитарна флотила за Газа „Глобал Сумуд“ синоќа од страна на израелската морнарица предизвика непосредна реакција во Италија.

Илјадници поддржувачи на палестинската кауза и поддржувачи на флотилата излегоа на улиците на големите италијански градови за да протестираат. Протести имаше во Рим, Неапол, Болоња, Торино, Џенова, Милано, Бреша, Фиренца итн. Во Неапол, демонстрантите го блокираа и железничкиот сообраќај на централната станица. Во Милано, демонстрантите се собраа на плоштадот пред театарот „Ла Скала“, а потоа се упатија кон станицата „Кадорна“. Во Џенова, демонстрантите го зазедоа пристаништето. На некои места се случија тензии и судири со полицијата.

 

Италијанските опозициски партии, интелектуалци и уметници со недели ја изразуваат својата симпатија за каузата на флотилата, на која има десетици Италијанци, вклучувајќи четворица опозициски пратеници. За време на Венецискиот филмски фестивал, голем број актери и режисери изразија поддршка за флотилата и палестинската кауза.

 

Поддршката за Газа и Палестинците беше и основа на два национални штрајка во Италија – на 19 и 22 септември, а ќе биде и основа за штрајк најавен за утре во земјата. В сабота, повторно е планирана голема демонстрација во Рим во поддршка на палестинската кауза.

Синоќа, на маргините на самитот на ЕУ во Копенхаген, италијанската премиерка Џорџа Мелони повторно го коментираше случајот со флотилата во Газа. Таа рече дека во фаза во која се водат мировни преговори, можеби најкорисното нешто за ублажување на страдањата на Палестинците е да се покаже одговорност и да се чека. Мелони, сепак, додаде дека можеби страдањата на Палестинците не се приоритет за некои луѓе, осврнувајќи се на постапките на флотилата во Газа, на која италијанските власти ѝ понудија можност да ја достави помошта што ја транспортираше до Кипар, од каде, со поддршка на Латинската патријаршија во Ерусалим, ќе може да помине низ Израел и да влезе во Газа, но флотилата ја отфрли оваа идеја.

Мелони, исто така, изјави дека најважно сега е Европа да го поддржи мировниот план во Газа и потсети дека се очекува одговор од Хамас. Таа повторно потсети дека е ризично и неодговорно, токму во овој момент, кога се очекува овој одговор од Хамас на предлогот на Доналд Трамп за мир во Газа, да се инсистира на иницијатива како онаа на флотилата.

Според италијанските медиуми, израелските сили запреле 13 бродови и чамци од флотилата, на кои имало 22 италијански државјани. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани објави дека италијанската амбасада во Израел и конзулатот во Ерусалим се овластени да им помогнат на сите Италијанци од флотилата, кои за неколку дена ќе бидат протерани во Европа со авион заедно со претставници на флотилата од други националности.

 

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето изјави дека флотилата не била нападната, туку блокирана.

Сепак, флотилата посочи дека израелските војници покажале „активна агресија“ напаѓајќи ги нејзините бродови со водни топови во Средоземното Море. Израелската морнарица беше обвинета и за обид за потопување на бродот „Марија Кристина“.

Информациите велат дека 13-те бродови од флотилата блокирани од израелските сили имаат вкупно 201 лице. Италијанските медиуми се повикуваат на изјава на претставник на флотилата објавена на Инстаграм. Според истиот претставник, сепак, 30 од бродовите од флотилата сега се обидувале да се оддалечат од израелските „окупациски“ сили за да се обидат да стигнат до Газа.

Back to top button
Close