Трамп најави нови 100 отсто дополнителни царини за увозот од Кина

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека САД ќе воведат нови дополнителни царини од 100 проценти на увозот од Кина, како и ограничувања за извозот на технолошки производи.

„Дознавме дека Кина зазела исклучително агресивен став во трговијата и испратила крајно непријателско писмо до светот, со кое најавува дека од 1 ноември 2025 година ќе воведе широки контроли на извозот за речиси сите производи што ги произведува – и за некои што дури и не ги произведува,“ напиша Трамп на платформата Трут Соушл.

„Почнувајќи од 1 ноември 2025 година (или порано, во зависност од постапките на Кина), САД ќе воведат 100-процентна дополнителна царина на сите кинески производи, покрај постојните царини. Истовремено, ќе воведеме и контроли на извозот на целокупниот критичен софтвер,“ додаде тој.

Претходно вчера, Трамп на социјалните мрежи изрази сомнеж дали планираната средба со кинескиот претседател ќе се одржи, откако Пекинг наводно испратил писма до повеќе држави во кои најавил ограничувања на извозот на ретки метали и други материјали. Трамп рече дека „изгледа нема причина“ да се сретне со претседателот на Кина, Си Џинпинг за време на неговата посета на Јужна Кореја.

– Ова се појави од никаде, рече Трамп, додавајќи дека таквите потези може да ја парализираат светската трговија и да наштетат на голем број земји. Тој оцени дека Кина станува сè „понепријателска“.

Трамп и Си требаше да се сретнат на маргините на Самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), кој почнува кон крајот на октомври.

Синоќа, Трамп пред новинарите во Овалната сала  изјави дека средбата сè уште не е откажана.

– Не, не сум ја откажал, но не сум сигурен дека ќе се одржи. Јас ќе бидам таму, па претпоставувам дека можеби ќе ја имаме, рече тој.

По неколкумесечна пауза во трговскиот спор меѓу двете земји, во април САД и Кина повторно си воведоа меѓусебни царини поголеми од 100 проценти.

Во четвртокот, Пекинг објави дека ги проширува ограничувањата за извоз на ретки земни метали – материјали клучни за американската индустрија. Според Министерството за трговија на Кина, технологиите и експертизата за екстракција и обработка на овие материјали во иднина ќе може да се споделуваат само со одобрение од властите.

За првпат, ограничувањата ќе опфатат и производи надвор од Кина што содржат ретки метали со кинеско потекло или користат кинески производствени процеси. Компаниите што ќе извезуваат такви производи ќе треба да добијат дозвола од кинеските власти од 1 декември.

Кина воведе и нови ограничувања за уште пет ретки метали, со што вкупниот број на засегнати материјали се искачи на 12, како и на одредени батериски материјали и графитни производи, со важност од 8 ноември.

Кина е најголем светски производител на ретки земни метали, неопходни за голем број современи уреди.

Back to top button
Close