Макрон ветува „јасни правила насекаде“ за коронавирусот пред почетокот на учебната година

Една недела пред почетокот на учебната година, шефот на француската држава се состана во Елисејската палата околу три часа, со добар дел од владата и премиерот Жан Кастекс, при што се усогласуваа мерките за борба против коронавирусот, јави дописникот на МИА.

По совет за одбрана посветен на здравствена состојба, Емануел Макрон потврдил, дека „насекаде“ во Франција ќе се воспостават „јасни правила“ за справување со епидемијата на „Ковид-19“ и „да им се овозможи на сите да ја вратат довербата“.

– Здравјето е приоритет, објави Макрон на својот профил на Твитер.

„Ова утро го собрав советот за одбрана за да го организирам враќањето на училиште под најдобри можни услови со оглед на епидемијата. Училиште, работа, јавни места: јасни правила насекаде за да им се овозможи на сите да ја вратат довербата“, додава тој.

На состанокот присуствуваа 16 министри, половина по видео конференција, како и генералниот директор за здравство Жером Саломон.

– За да ја надминеме здравствената криза, мора да научиме да живееме со вирусот. Нема неизбежност: ако покажеме единство и чувство на одговорност, ќе успееме“, увери Емануел Макрон во друг твит.

Советот за одбрана ја процени еволуцијата на вирусот, особено во регионите каде што циркулира најмногу, како што се Ил-де Франс или Прованс-Алпи-Азурниот брег. Претседателот и министрите исто така направија преглед на здравствените протоколи, додека носењето маска ќе биде задолжително во претпријатијата, основните и средни училишта од 1 септември. Исто така, се постави прашањето за бројот на учесниците на спортски или културни настани, како и на граничните контроли. Овие мерки повторно ќе бидат на менито на Советот на министри во среда, по медиумската интервенција на Жан Кастекс, утре изутрина на радиото Франс Интер.

Неколкумина опозициски водачи во вторникот повторно повикаа на бесплатна дистрибуција на маски во училиштата. Жан-Мишел Бланке, министерот за образование во петокот објави дека тие можат да им бидат дадени бесплатно на семејствата „во големи тешкотии“, но дека, за остатокот, тие биле дел од „училишниот прибор“. Дел од опозицијата, исто така, жали за одложувањето до следната недела, веројатно за 2 септември, на стимулацискиот план, кој првично требаше да биде претставен денес.

– Стимулацискиот план за економска, еколошка и социјална реконструкција ќе биде претставен следната недела“, потврди Емануел Макрон.

Скоро 2.000 нови случаи на „Ковид-19“ се регистрирани во Франција во изминатите 24 часа, наспроти скоро 5.000 во неделата, според бројките објавени во понеделникот вечерта од страна на Генералниот директорат за здравство.

Back to top button
Close