Мојсоска: Ја срушија куќата на Малески, а една година “не можат” да ја срушат дивоградбата во струшката чаршија

Во Струга денеска започна рушење на куќата на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна и истакнат припадник на Народноослободителната борба (НОБ). Објектот, кој со децении се сметаше за значаен дел од културното наследство и симбол на антифашистичкиот отпор, сега е делумно уништен, што предизвика реакции од јавноста и културните работници.
Пратеничката и кандидатка за градоначалник на Струга од Левица, Јована Мојсоска, реагираше на овој варварски чин, обвинувајќи ги институциите за пасивност и незаинтересираност за заштита на културното наследство:
Струга денес изгуби еден од најзначајните културни објекти и симболи на антифашистичката борба, куќата на истакнатиот припадник на НОБ – големиот Владо Малески. Во овој историски објект, на 23 септември 1941 година, во присуство на членовите на покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, народниот херој Кузман Јосифовски – Питу одржа конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко.
Се руши куќата на Малески, додека ОЈО Струга ЕДНА ГОДИНА не постапува по моите пријави за дивоградбата во самиот центар на струшката чаршија (и веќе се гради трет спрат). Струга е узурпирана од градежни мафијаши, алчни политиканти и заробени институции кои секој ден го убиваат културниот и антифашистички дух на Струга.
За ваквото сквернавење на споменот на авторот на македонската химна, низа институции ќе мора да дадат одговор КОЈ и КАКО дозволил рушење на овој објект – со имиња и презимиња за одговорност!“