Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2027

Комисијата за финансирање и буџет по еден час пауза ја продолжи амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2027 година. Беа разгледани и неприфатени серија амандмани што се однесуваа на вработени во одбраната и за одбраната, како и за противпожарните служби поднесени од пратениците од опозициските СДСМ и Левица.
Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски објасни дека во Предлог-буџетот за 2027 година за одбрана се планирани 25, 38 милијарди евра односно нешто повеќе 4 милијарди повеќе од лани односно 20 проценти. Потсети дека од 1 јануари 2027 година платите за вработените во одбраната ќе се зголемат за 10 проценти.
Опозицијата преку амандман побара и 45 милиони денари за електронско следење на насилникот и за систем з апредупредување на жртвите. Ваквиот метод според опозицијата веќе дал резултати во европските држави.
– Ова не го измислуваме ние како нешто ново. Ова се покажало како еден од најефикасните начини да се спречи фемицид и насилство врз жените. Од 2009 година од кога е воведен овој систем во Шпанија до 2025 година токму заради ова 21.036 жртви биле опфатени и ниту една после тоа не била повторно жртва на насилство, рече Јована Тренчевска од СДСМ.
Опозицијата повика да биде активиран законот за насилство врз жените којшто, како што тврди, три месеци се чува во фиока, а со кој има конкретни задачи и за министерот за внатрешни работи и на останатите институции. Во него, тврди опозицијата, е наведена брзата интервенција, итните мери за отстранување од домот на насилникот….
Амандманот беше одбиен со образложение дека Министерството за внатрешни работи подготвува закон во кој ќе биде опфатен и делот со електронски алки за насилниците.






