Сиљановска најавила подготвеност за разговори со Бугарија по локалните избори
Претседателката Сиљановска-Давкова, вчера се сретна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во рамките на нејзината регионална турнеја.
Средбата ја оцени посетата како охрабрувачка и поттикнувачка за европската реинтеграција на регионот.
Урсула фон дер Лајен, пак, информираат од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, разговорот го започна со изразување отворен интерес на ЕУ за Западниот Балкан, заради неговата природна европска припадност во географска, историска и културна смисла, но и заради тектонските промени на меѓународниот поредок и зголемените светски и европски безбедносни закани.
Македонската претседателка ја реафирмираше посветеноста кон исполнувањето на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ. Таа ги спореди Балтикот и Балканот, посочувајќи ја очигледната разлика: во првиот, земјите, членки на ЕУ, застанаа зад своите соседи, а во вториот, некои членки на ЕУ го користат привилегираниот статус за да го условуваат, па и блокирааат политичкиот пат на соседот кон Брисел.
Уште еднаш укажа на огромната важност за регионот на: СЕПА, Западно-балканскиот роаминг, „Везилка- Националниот центар за вештачка интелигенција“, „Хоризонт“, како и на големите очекувања од инфраструктурните проекти: „Коридор 8“ и „ Коридор 10“.
-Гордана Сиљановска – Давкова предупреди на опасноста од реплицирање на преседанот со билатерализацијата на македонскиот процес на интеграција, надвор од Копенхагенските критериуми, не само во регионални рамки, туку и пошироко. Воедно, потсети на непочитувањето, односно кршењето на некои фундаментални принципи и вредности на основните конститутивни акти на ЕУ што ги гарантираат националниот и културниот идентитет на државите и нациите, како и достоинството и интегритетот на граѓаните. Исто така, изрази спремност за македонско-бугарски разговори по завршувањето на локалните избори, се вели во соопштението од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Се нагласува дека македонската претседателка очекува помош од Унијата во пронаоѓањето на излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции, бидејќи како што нагласи, прифаќањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ не е само прашање на проширување, туку ја засега безбедноста и стабилноста на Европа. Иницијативата за реформирање на процесот на одлучување во ЕУ, што би ги опфатило и прашањата поврзани со проширувањето на Унијата, односно воведувањето на гласање со квалификувано мнозинство, за Сиљановска-Давкова би било храбра одлука, што ќе доведе до евроинтеграциски исчекор.
Според неа, ние мораме да ја насочиме енергијата кон реформите во судството и бескомпромисната борба со корупцијата и криминалот.
-Претседателката Урсула фон дер Лајен ја нагласи јасната волја кај сите 27 земји, членки на ЕУ за забрзано реинтегрирање на Балканот и го поздрави значајниот прогрес постигнат во рамките на Планот за раст, потенцирајќи дека земјава заслужува да оди напред, с епотенцира во соопштението од Сиљановска-Давкова.