Пост-мортем: Кога серискиот насилник е популарен урбан лик

Човекот што ги уби Росица Коцева и нејзиниот татко бил сериски насилник, кој, за разлика од стереотипот за ваквите злосторници, бил навидум интегриран во скопскиот урбан живот, со имиџ што ја маскирал неговата деструктивна природа.

Нашето истражување го наметнува овој заклучок. Разговаравме и интервјуиравме 15 луѓе што имале директен или посреден контакт со 39-годишниот Илија Стефановски, но и со жртвите на неговото насилство.

Стефановски имал пријатели, соработници, бројни следбеници на социјалните мрежи и бил на некој начин полујавна личност – познат по претприемачките обиди и по неговата пасија – скејтбордингот.

По двојното убиство во Велес, според првичните сознанија на МВР, тој си го одзеде и својот живот. Следуваа протести, жестоки дебати во јавноста и прозивки за одговорност.

Партнерската агресија врз Росица, која заврши трагично, ги разбива стереотипите дека насилството врз жените најчесто се случува во помалите, конзервативни средини и дека феноменот е и тоа како присутен во урбаните средини, ноќните клубови и во комуникацијата на социјалните мрежи.

Дополнително, информациите околу двојното убиство во Велес, уште еднаш и по којзнае кој пат потврдија дека без брза и решителна системска заштита на жртвите, попусто е и кога ризичното однесување рано се препознава и се пријавува.

За разлика од бројните случаи на родово базирано насилство, кои поради стигмата остануваат во „четири ѕида“, барем четири негови поранешни партнерки, пред Росица, го пријавувале во полиција.

Скопјанец, кој познава две од нив, за БИРН потврди дел од бруталните епизоди и раскажува за сосема друга девојка што не го пријавила малтретирањето.

„Не го пријави зашто имаше слушнато како завршиле другите.“

Жртвите ги споделувале искуствата и со пријателите, кои подоцна предупредувале други луѓе. Некои од нив дури здружено реагирале на социјалните мрежи, повикувајќи да се бојкотира модниот бренд на Стефановски.

Сепак, разговорите со луѓе од неговото опкружување покажуваат дека без вистински институционален одговор, тој континуирано стигнувал до нови жртви и на различни начини малтретирал барем осум лица, партнерки и/или соработници, во последните 12 години.

Шармантна „фасада“

Фотографија од скејтборд од „ерор оф хармони“

Фотографија од скејтборд од брендот на Стефановски „0.10 Eрор оф хармони“ | Фото: Социјални мрежи

Илија Стефановски, на прв поглед не изгледал како „типичен“ насилник.

Студирал архитектура и работел во филмско студио. Го знаеле како „алтернативец“ со тетоважи, кој сакал животни и затоа чувал четири кучиња, мачки и змија. Некои го опишуваат како шармантен и талентиран млад човек, додека други велат дека бил „претерано културен и тивок.“

Бил претприемач, кој прво ја отворил таканаречената концепт-продавница „Ерор колектив“ во Дебар Маало, каде што тој и две други дизајнерки продавале скејтборди, облека и други производи од нивните брендови. Неколку години подоцна го отворил скејтшоп-кафулето „Платформ“ спроти Соборниот храм.

На овие места организирал настани со проминентни диџеи, бил дел од локалната модна сцена и излегувал со манекенки.

Ги поддржувал скејтерите, менторски и финансиски. Објавувал професионални видеа, во кои млади ентузијасти изведуваат импресивни скејтерски трикови низ Скопје. Медиумите го барале и најмалку петпати дал интервјуа за скејтерството и за неговите бизнис-потфати.

Еднаш дури држел скејтерска работилница на феминистички настан.

По убиството, сите промотивни медиумски објави поврзани со Стефановски се избришани.

„Често снимаше видеа и фотографираше бесплатно, правеше услуги за луѓето со кои се дружеше“, раскажа пријателка на една од жртвите.

Негов поранешен другар-скејтер, момче од дваесетина години, се присетува дека Стефановски со него главно бил фин.

„Беше кул, најдругарски се однесуваше. На помлади скејтери им купуваше бордови, им даваше бесплатна облека и еднаш дури нè однесе во Берлин.“

Во меѓувреме, додека Росица ги пријавувала неговите насилни инциденти во институциите, на социјалните мрежи прикажувал тотално различен гламурозен живот.

„Фотографираше модни ревии во Берлин и објавуваше слики со скапи, дизајнерски патики, а ние се прашувавме од кај му се парите“, додаде скејтерот, кој знаел дека само неколку години претходно Стефановски имал големи долгови.

Целиот текст на ПРИЗМА МК

Back to top button
Close