ДИК: Исправена е печатната грешка, гласањето на болните во Општина Ново Село се одвива непречено
Исправена е печатната грешка во гласачките ливчиња во Општина Ново Село и материјалот е веќе доставен. Гласањето таму за болните ќе се одвива непречено и сите ќе го остварат своето право на глас до крајот на денот, рече денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко.
Како што истакна Кондарко, одговорајќи на новинарски прашања по јавната седница на ДИК, денешното гласање генерално се одвива без никакви проблеми, материјалот е навреме дистрибуиран од општински изборни комисии до соодветните избирачки одбори и граѓаните непречено го остваруваат своето избирачко право.
-Досега немаме никакви приговори и забелешки од ниту една општинска изборна комисија и од ниту едно избирачко место, потенцира Кондарко.
Според него, засега податоци за излезноста нема зашто гласањето трае до крајот на денот, а кога ќе заврши, ДИК ќе објави колку од пријавените лица за гласање во домашни услови и во старски домови го оствариле своето гласачко право.
-Пред завршување на гласањето, околу 16 часот, ќе објавиме пресек, а по завршување на гласањето ќе објавиме и целосен процент на излезност, објасни претседателот на ДИК.
Тој потсети дека не денеска, туку утре ќе бидат објавени резултатите од гласањето на овие категории лица.
-Така е по Изборниот закон и тоа е праксата на сите избори. Ливчињата од денешното гласање поединечно се ставаат во посебен запечатен плик и во гласачката кутија. Гласачките кутии и пликовите денеска не се отвораат и нема да се објават како резултати, туку се бројат утре, по завршување на гласањето заедно со сите други ливчиња во соодветните избирачки одбори и се евидентираат во соодветните ОИК. Резултатот од денешното гласање се брои заедно со гласачките ливчиња, се евидентира и ќе се објави утре по 20 часот, подвлече Кондарко.
Во Ново Село доставени погрешно отпшечатени броеви на советнички листи
За 4 часа се одложува подигнувањето на изборен материjал и гласањето на болни и изнемоштени лица во Ново Село откако биле забележани грешно испечатени редни броеви на советничките листи. За случајот е информирана Државната изборна комисија. Оттаму брифираа дека гласачкиот материјал за советници е повлечен и се дистрибуира нов и дека сите болни и изнемоштени ќе го остварат своето право.
„Избирачкиот материјал од Општина Ново Село е повлечен. Таму денеска ниту едно пријавено болно или изнемоштено лице нема гласано. Станува збор за гласачки материјал за советнички листи. Се дистрибуира нов и сите болни и изнемоштени лица ќе гласаат“, соопштија од ДИК.
За гласање утринава во општината се пријавиле 400 лица кои со медицинската документација потврдиле дека не можат утре да излезат на избирачките места да гласат, па согласно законот, своето право требаше да го остварат денеска.
Во струмичкиот регион пријавени се 1.308 болни и изнемоштени лица. Освен во Општина Ново Село, денеска гласаат и 514 болни и изнемоштени во Општина Струмица, во Босилово 232, а во Општина Василево 162.