Бела пилешка чорба

Ако барате топло, кремасто јадење што ќе ве стопли во студените денови или веќе од првиот залак ќе ве потсети на домашната кујна – белата пилешка чорба е вистинскиот избор. Комбинацијата од пилешко месо, зеленчук и павлака ѝ дава богат и нежен вкус, додека аромите на зачини и лимон ја прават освежителна и лесна за варење. Одлична е и како предјадење, но и како цел оброк.

Состојки:

  • 300 грама пилешко бело месо
  • 1 морков
  • ½ корен магдонос
  • 1 корен пашканат
  • 50 грама целер
  • 1 среден компир
  • 1 ловоров лист
  • 1 лажичка сол
  • 1/2 лажичка мелен бибер
  • 1 лажичка сув зачин
  • 2 жолчки
  • 150 грама кисела павлака
  • Сок од лимон (по желба)
  • Приближно 1 литар вода

Подготовка:

Пилешкото месо измијте го и ставете го да се вари во тенџере со околу 1 литар вода. Откако ќе зоврие, намалете ја температурата и со лажица отстранете ја пената што ќе се создаде, додадете вода кога ќе се намали.
Излупете и исечкајте го зеленчукот – морковот, магдоносот, пашканатот, целерот и компирот на ситни коцки или тркалца, по вкус. Додајте ги во тенџерето со месото. Додадете ловоров лист, сол, бибер и сув зачин. Варете на средна температура додека месото и зеленчукот не омекнат (околу 30–40 минути).
Во сад изматете ги жолчките со киселата павлака. Додадете неколку лажици од топлата чорба во смесата (со постојано мешање) за да ја израмните температурата и да не се згрутчи.
Извадете го месото од тенџерето, исечете го на ситни парчиња и вратете го назад. Потоа, полека додајте ја смесата со жолчки и павлака во чорбата, постојано мешајќи. Оставете да се крчка уште неколку минути на тивок оган, но без да зоврие.
По желба:
Пред сервирање, додадете малку сок од лимон за освежувачки вкус.

Совети:
Послужете ја топла, со коцки препечен леб.
Ако сакате погуста текстура, може да додадете 1 лажица брашно растворена во малку вода пред додавање на павлаката.

Back to top button
Close