Сочни чоколадни браунис коцки со лешници
Богат чоколаден вкус, кремаст слој од лешници и крцкави парчиња чоколадо одозгора. Овие сочни браунис коцки се вистинско уживање за сите љубители на чоколадните десерти!

Потребни состојки за тестото:
200 г темно чоколадо
150 г путер
180 г шеќер
3 јајца
100 г брашно
30 г какао
100 г таан (сусамов путер)
1 лажичка екстракт од ванила
1 прстофат сол
За кремастиот слој:
350 г крем од лешници
За посипување:
50 г сечкано темно чоколадо
30 г сечкани лешници
1 лажица сусам (по желба)
Подготовка: Најпрво подгответе го кремастиот слој. Калап со димензии 20 × 20 см обложете го со хартија за печење и рамномерно распоредете го кремот од лешници. Ставете го во замрзнувач 30–60 минути, додека да се стегне. Извадете го заедно со хартијата и вратете го во замрзнувач до употреба. Рерната загрејте ја на 160 °C.
Темното чоколадо и путерот растопете ги на пареа или на тивок оган. Оставете ги малку да се изладат. Јајцата и шеќерот кратко изматете ги со жица за матење. Додајте ги растопеното чоколадо со путерот, таанот и ванилата, па промешајте. Брашното, какаото и солта просејте ги и додајте ги во смесата. Мешајте со шпатула додека добиете изедначено тесто. Поделете го тестото на два еднакви дела. Првата половина распоредете ја во калапот и израмнете ја. Врз неа ставете го замрзнатиот слој од кремот со лешници, а потоа распоредете ја преостанатата смеса. Одозгора посипете со сечканото темно чоколадо и лешниците, лесно притиснете ги во тестото, а по желба додајте и сусам. Печете околу 30–35 минути на 160 °C. Оставете го браунисот да се излади во калапот, а потоа префрлете го на решетка за целосно ладење. Изладениот браунис исечете го на коцки и послужете го.





