Крајот на политичките секти

Какви времиња се ова ! Какви политички феномени се случуваат во светот околу нас, но и далеку од нас, што бездруго влијаат и врз нашите животи. Многу раскажував за фасцинацијата од студентското движење, нивната истрајна кампања, нивната верност кон слоганот на 68-шите „бидете реални, барајте го невозожното“.

Навистина го добија. Нивната победа на изборите и уривањето не само на режимот на Вучиќ, туку и на гнилиот опозициски естаблишмент во Србија е како во 60-тите години власта во Америка да ја освоеја претставниците на хипи движењето.

Во Америка на изборите на половина од мандатот се случи најавуваното „плаво цунами“. Поголемо и пострашно за Трамп, републиканците и МАГА движењето од нивните најстрашни кошмари. Загубија бастиони што ги држеа со децении, некои близу цело столетие. Го загубија Тексас или Јужна Каролина, што беше незамисливо.

Трамп во изјавата по тешкиот пораз на републиканците рече дека тоа се случило затоа што тој лично не бил на гласачките ливчиња. Претходно ја повика својата изборачка база да гласа како да е тој на избирачкото ливче.

Но, неговата порака силно ја слушнаа американските граѓаните кои – благо речено не се согласуваат со неговата екстравагантна, нарцисоидна и исклучива политика. Да тие гласаа како самиот тој да е на гласачкото ливче, оттаму и таквиот дебакл на републиканците.

Бројките не лажат. Колку треба да е човек заслепен од сопствената нарцисоидност да не увиди дека таквата реторика на лидер кој има 32 проценти на одобрување на неговата политика и дури 68 неодобрување е рецепт за директна политичка пропаст. Зачинето и со непотизмот во назначувањето на кандидатите на републиканците ширум Америка.

Трамп ја киднапира републиканската партија со култот на личноста и политичката секта МАГА на која нема сомнение и се гледа крајот. Дотаму одеше одбивноста кон политичкото „секташтво“ што дури и Американците задоени со децениска омраза и страв од комунизмот и социјализмот, негувани во годините на „Студената војна“ избираа прогресивци и социјалисти од редовите на демократите за Конгресот и Сенатот, само за да го поразат Трамп.

Тој има уште две години од мандатот. Без сомнение тешки. Уште првиот ден по победата на демократите почна да се зборува за негов импичмент. Назначувањето на федералните судии ќе му биде блокирано, откако демократите добија убедливо мнозинство во Сенатот. Ќе мора неволно да го менува курсот во надворешната политика. Ќе биде принуден да го преиспита сојузништвото со Биби Нетанјаху, уште од старт размислува да го смени министерот за војна неговиот пулен Пит Хегсет за кого и по поразот рече дека е „фантастичен“.

Ќе мора да преговара со Конгресот за разни закони, а знаеме дека станува збор за исклучив човек, кој тешко се снаоѓа во маневрите на политиката на можното, односно на компромисите.

Две години од мандатот има и потпретседателот Џеј Ди Ванс, човекот што имаше амбиции да го наследи Трамп по истекот на неговиот втор мандат. Тој ќе мора да се дистанцира од неговиот шеф, ако сака да има било каква шанса за политичка иднина. А од позиција на потпретседател, ќе му биде навистина тешко, ако не и невозможно.

Републиканците ќе мора да се преструктуираат. Да го вратат идентитетот на сериозни конзервативци наместо „секташи“ и популисти кои ги менуваат изјавите и политиките на дневна основа.

Трамп се заборави. Ветуваше дека ако го изберат за претседател ќе стави крај на војната во Украина за 24 часа. Изминаа 24 месеци откако е претседател, војната трае. Ги убедуваше Американците дека плаќаат мала цена со тоа што цената на бензинот поскапе, како директна последица на неговата војна со Иран. Но таа цена на скапо гориво не ја плаќаше олигарскита елита со која е опкружен, на која не и значи многу поскап бензин. Туку на обичниот Американец, удрен силно по џебот. Човекот одбиваше да се соочи со реалноста. Како и огромен број републикански кандидати кои ја преповторуваа неговата реторика.

Критикуван за неговиот филозофски систем дека не кореспондира со стварноста големиот германски филозоф Хегел одговрил „Дотолку полошо за стварноста“. Таков однос може и треба да си го дозволи филозоф кој верува во сопствениот систем. Таквиот став е за восхит, од аспект на мислител. Но, кога таков став целосно откинат од стварноста ќе изнесе политичар кој суверенитетот го црпи од избирачите, му се случува изборен дебакл.

Го стаса стварноста.

 

Атанас Кировски

Back to top button
Close