Курти се согласи со барањето на Лондон: Ќе се отворат мигрантски кампови на Косово

Косово чувствува политичка должност да ги процесира одбиените мигранти од Велика Британија, доколку можат да се надминат правните проблеми, изјави премиерот Аљбин Курти за Скај њуз.

Курти рече дека државата има ограничен капацитет со население помалку од два милиони луѓе, но дека очекува успешен резултат од преговорите.

Во тек се разговори, потврди тој, меѓу претставници од двете земји за договор за враќање на мигранти за оние чии барања се прогласени за неподобни од Велика Британија и чекаат депортација во нивната земја на потекло.

Тим на Министерството за внатрешни работи истражува опции за тоа како би можеле да функционираат, дознава Sky News, иако сè уште не е поднесено формално барање до Косово за сместување на ваков објект.

Курти, кој присуствува на Самитот за Западен Балкан во Лондон, рече:

„Сакаме да ѝ помогнеме на Велика Британија, сметаме дека тоа е наша пријателска и политичка должност. Имаме ограничен капацитет, но сепак сакаме да помогнеме, и додека зборуваме, има редовна комуникација меѓу нашите тимови на државни службеници од нашето Министерство за внатрешни работи и адвокати за тоа како да го направиме ова непречено за заедничка корист. Секако, сакаме, како земја, да имаме корист, но сметаме дека е пред сè наша обврска да ви помогнеме затоа што ни помогнавте многу и никогаш нема да го заборавиме тоа.“

Премиерот Кир Стармер ги идентификуваше земјите од Западен Балкан како клучни сојузници во борбата против нерегуларната миграција, при што 22.000 луѓе ја користеа оваа рута за да стигнат до Велика Британија минатата година.

Владата на Велика Британија потпиша договори за справување со шверцерските банди со Србија, Албанија, Северна Македонија и со Косово. Албанија категорично го одби барањето освен ако Лондон не вложи десет милијарди евра во железница, а Македонија е единствената која има инвестициски договор со владата на Обединетото Кралство, а никој не знае зошто доби таква привилегија, пишува Скај њуз.

Кир Стармер претходно оваа година изјави дека владата е во преговори со неименувани земји за воспоставување „центри за враќање“, што тој го нарече „важна иновација“ за поединци кои ги исцрпиле сите можности во британскиот систем.

Косово е прва држава што потврди дека овие преговори се во тек.

Back to top button
Close