Смееле ли да се сретнат Димитровски и Грозданов и покрај мерките на претпазливост одредени од судот?
Родителите на загинатите од дискотеката Пулс вчера (21.10) поднеле Барање до Кривичниот суд и обвинителството за определување на построги мерки на претпазливост за поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, еден од 34-та обвинети за пожарот во дискотеката Пулс, бидејќи, како што велат, постоечките ги прекршил со средбата во кафеана со кандидатот за градоначалник на Кочани од ВМРО ДПМНЕ, Владко Грозданов.

„Поднесовме предлог барање за определување на други мерки на претпазливост на обвинетиот Ратко Димитровски, бидејќи тој има забрана за приближување или воспоставување контакт на лице кое се јавува во својство на оштетен, во случајот Владко Грозданов. Не знам како можеле баш во тој час кога ние родителите имаме протестен марш и ги носиме сликите на нашите загинати деца, тие баш во тој момент да излезат во кафеана. Досега толку време не работеле институциите, сега не знам дали проработела свеста на граѓаните, но сега по последните случувања се гледа дека не е допрено до многу, изјави Светлана Илиевска Стојанова, мајка на загинатиот Андреј Стојанов во синоќешното издание на „На претрес со Ландов“.
За родителите на загинатите спорно е тоа што Владко Грозданов е татко на дете со тешки телесни повреди стекнати во катастрофалниот пожар во дискотеката Пулс, па тој во судскиот процес за пожарот се јавува како оштетена страна, а обвинетиот Ратко Димитровски има активна мерка „забрана за приближување или воспоставување на контакт со лице кое се јавува во својство на оштетен“. (Kanal77)
…






