А што имате вие против стаорците?
Вие имате нешто против ѓубрето во Скопје. И да биде позагрижувачки, вие сте против и стаорците, кои касале деца насред бел ден во некои населби, голема работа. Цело Скопје, вмровски град, каде нѐ јадат глувци и стаорци. Конечно, видовме живот. Не е важно што фаќаме колера, дезинтерија, поважно е што ние сме горди носители на крајниот стадиум на глувчешка треска-да се гласа за Орце Ѓорѓиевски.
Целата операција на ѓубрето на некои им изгледа како политичка болест на психопати кои се натпреваруваат кој повеќе ќе привлече поголеми и поопасни стаорци, за да можат да им се нафрлат на гласачите кои нема да гласаат за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски. Оваа партија слави историски победи, секоја чест, досега во историјата на цивилизираните земји немало запишување на вакви успеси, каде секој контејнер ги пребројува глувците и зависно од нивната бројка, се обезбедуваат сѐ повеќе гласови, за да се спаси барем некој после оваа инвазија на штетници од секаков калибар. Најдраги на македонскиот гласач се политичките глодари. Колку повеќе ужас обезбедуваат, со колку повеќе закани за пропаст се служат, толку повеќе се на цена.
Кутрите оние твитерџии и фејсбуковци, пишуваат дека ВМРО-ДПМНЕ најотворено ги рекетира гласачите за да ги предупреди каква глувчешка иднина ги чека ако не гласаат за Орце Ѓорѓиевски. Тоа е- велат, сигурно- градот ќе заврши како сега, блокиран од Советот на Град Скопје, каде е мнозинството е на ВМРО-ДПМНЕ, како и Управниот одбор на Комуналната хигиена. Конечно, ВМРО-ДПМНЕ ја има целата власт во оваа држава, доколку навистина беа загрижени за инвазијата на стаорците и глувците, можеа да го решат проблемот одамна, тогаш кога се загрозува јавното здравје и е предизвикана здравствена и санитарна катастрофа.
А граѓаните? Зошто тие молчат? Дали воопшто се свесни што се случува во оваа држава? Одговорот е повеќе од јасен, особено тогаш кога гласаа во првиот круг за историските победници, искрено беа шокирани и сите наоколу ги прашуваа- а што имате вие против стаорците?
Биљана Секуловска







