МАКФЕСТ Е ЈАК КАКО ПРЕМИЕР ЛИГАТА, РЕЧЕ МИКИ ЈОВАНОВСКИ-ЏАФЕР НА ЕМОТИВНИОТ 40-ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ НА ФЕСТИВАЛОТ

Речиси сите пејачи се расплакаа синоќа на фестивалот Макфест во Штип, кој прослави 40-годишен јубилеј. Ретка можност беше на иста сцена да се видат легендарни пејачи со чии хитови пораснаа повеќе генерации. Росана Сариќ-Тодоровска без Маријана Новачевска која живее во Австралија ја испеа „Признавам“, Тања Кочовска „Твојте очи, сине“, Владо Јаневски „Еден бакнеж“, „Силви бенд“ „Ангели ме носат“, Олгица Христовска „Свирете ја зајди, зајди“, Мики Јовановски-Џафер „Сонце за три света“, Трајче Манев „Осамен“, Питер Џон Босе „Самба во Штип“, Коки Јанков „Виолина и гитара“, Ристо Самарџиев „Таму кај што си“, Гиш „Моја гитара“,  групата „Три пати на ден“ со „Тања“.

Олгица Христовска (Фото: СДК.МК)

Макфест потсети и на 1990-тите и на 2000-тите со Јован Јованов и Маја Саздановска, Ламбе Алабаковски, Бојана Скендеровски, и за крај најновиот хит на Лара и Пајак „Бела“ кој има 30 милиони прегледи на Јутјуб.

„Силви бенд’ (Фото: СДК.МК)

Специјална награда прими првиот дректор и еден од основачите на фестивалот,  Стојан Троицки, кој исто така се расплака на сцената.

„Ова не е мала работа“, рече Троицки кого штипската публика го испрати на нозе. Награди добија и Кристијан Габровски и Владимир Дојчиноски-Дојчин како поранешни директори на Макфест, како и сегашниот, Роберт Саздов.

Компанијата „Фершпед“ долги години беше главен спонзор на Макфест, но тоа никој не го спомена.

Стојан Троицки, првиот директор на Макфест

Зад сцената, на златните времиња на фестивалот кој е македонски музички бренд заедно се сеќаваа Росана, Тања Кочовска, Питер Џон Босе, Џафер и Трајче Манев.

„Седевме во подрум, оној клуб под сцената, и мислевме дека на шега сме дошле на Макфест. Кога ми кажаа дека сум победил со ‘Сонце за три светови’ мислев дека некој се шегува со мене. Макфест е јак како Премиер лигата, како и оваа песна, но да не заборавиме дека имам и други“, рече Мики Јовановски-Џафер.

Питер Џон Босе (Фото: СДК.МК)

Јован Јованов, кој е креативен директор, кажа дека Макфест отсекогаш бил фестивал на модерна музика.

Јован Јованов со ќерката (Фото: СДК.МК)

„Стојан Троицки на почетокот од 1990-тите му даде шанса на Владо Јаневски како тогаш млад пејач, ни даде и нам како група ‘Магија’ подоцнa. За тоа време, таа музика беше нова и непозната и необична за овој фестивал. Подцна ние како Управен одбор им дадовме шанса на Лара и на Пајак и други помлади пејачи“, рече Јованов кој песната „Магија“ ја испеа со многу слична кореографија како во 1998. Тој живее во Канада, а во Штип беше дојден со неговата ќерка.

Ламбе Алабаковски (Фото: СДК.МК)

„Моја омилена песна е ‘Сонце за три светови’. Таа е моја песна, посара е од мене 11 години и е најдобрата македонска песна на сите времиња“, ни рече младата пејачка Лара Иванова која е родена во 2004, а Џафер со оваа песна на Макфест победи во 1993.

Пајак и Лара (Фото: СДК.МК)

Бојана Скендровски го нарече фестивалот светост, а Ламбе Алабаковски се сети на претседателот Киро Глигоров кој како дел од публиката во 2005 гласал за неговата песна.

Извор: sdk.mk

Back to top button
Close