Минчев направил лапсус, не зборувал за Законот за јазици, туку за правична застапеност

Фото: Принтскрин / Сител телевизија

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, направил лапсус , во неговото гостување во емисијата „Тема на денот“, велат од Министерството за јавна администрација.

Тој не зборувал за нов Закон за употреба на јазиците, туку за Законот за правична застапеност кој е испратен на мислење во Венецијанската комисија.

„Во врска со објавените интерпретации на изјавата на министерот за јавна администрација Горан Минчев, појаснуваме дека во гостувањето на Дневникот на Сител, министерот не мислеше за нов Закон за употреба на јазиците, туку за Законот за правична застапеност во јавниот сектор, кој е во завршна фаза на подготовка и испратен до Венецијанската комисија на мислење. Станува збор за очигледен лапсус, техничка грешка во изразувањето, кој дел од медиумите го пренесоа. Се извинуваме за настанатата грешка и за евентуалните недоразбирања што можеле да произлезат од неа,“ велат од Министерството.

Инаку, Минчев изјави дека владејачката коалиција веќе е во завршна фаза на нов Закон за употреба на јазиците на етничките заедници.

Back to top button
Close