Родителите на загинатите во „Пулс“ за судењето: „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“

Со болка во срцата, но со цврста решеност, родителите на дел од загинатите во кочанската дискотека „Пулс“ најавија дека на 19 ноември ќе ја следат првата судска расправа за трагедијата во која згаснаа 63 млади животи.

 

Тие во своето обраќање до јавноста порачаа дека нема да дозволат случајот да се претвори во уште еден број во судските статистики, туку ќе инсистираат правдата и вистината конечно да излезат на виделина.

Родителите ги нарекуваат обвинетите убијци, посочувајќи дека нивните постапки, невнимание и ароганција довеле до катастрофата. Она што дополнително ја продлабочува нивната болка е, како што велат, отсуството на човечност кај дел од обвинетите.

„Овие луѓе, обвинетите, ги нарекуваме убијци не затоа што сакаме да користиме остри зборови, туку затоа што тоа е вистината: нивните дела, нивната негрижа и нивната корупција донесоа смрт. А што е уште потажно, многумина од нив и денес не покажуваат ни трошка жал, ниту искрено сочувство. Нивниот однос кон нас, родителите кои останавме со незалечива болка, зборува за страшна празнина, молк пред човечката трагедија“, стои во нивната изјава.

Тие потенцираат дека нивниот гнев не е слеп, туку насочен кон конкретните одговорни, сопствениците и управителите на дискотеката, како и институциите кои издале дозволи и не спровеле контроли.

„На 19 ноември ќе бидеме во судницата со тешки срца, но со непоколеблива волја. Нема да дозволиме случајот да се сведе на административни фрази. Сите пропусти, коруптивни игри и кршења на правилата мора да се разоткријат. Сакаме ова судење да не биде само формалност, туку споменик на вистината. Да се чуе секој доказ, секоја снимка, секој сведок, и конечно да се именуваат сите одговорни – од оние што потпишувале дозволи, до оние што ги игнорирале безбедносните ризици“, порачуваат родителите.

Првото судење за трагедијата е закажано за 19 ноември, а обвинети се 34 физички и три правни лица, меѓу кои се сопственикот и управителите на дискотеката, како и поранешни градоначалници и министри.

Back to top button
Close