Филипче: Власта за година и половина не го испорачува ветеното до граѓаните

Вистинското прашање на кое треба да се одговори и кое треба да се анализира е дека Владата за година и половина не испорачува и ниту една категорија граѓани не се задоволни и не чувствуваат никакви политики од оваа Влада, а што се однесува на мојот мандат, кажав дека наскоро ќе има кадровски измени во раководството, изјави претседателот на СДСМ, запрашан за коментар на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски зошто бара одговорност од него, а не од себе си.
-ВМРО-ДПМНЕ со дополнително нови коалициски партнери има 140 000 гласови помалку од лани и тоа е нешто што е сериозен знак дека граѓаните се свесни дека оваа Влада не испорачува, дека има многу лажни ветувања, дека едноставно не можат да се справат со проблемите, дека не излегуваат во пресрет на барањата на граѓаните, дека нема ниту една категорија граѓани која е реално задоволна, ниту пак дека чувствува некакви позитивни политики од оваа Влада. Работниците немаат зголемување на платите, ги излажаа пензионерите, не им ги дадоа парите кои им следуваа за зголемување на пензиите. Нема никаква политика за младите, дебакал е во земјоделството, намалување на субвенциите. Тоа е вистинското прашање на кое треба да се одговори и кое треба да се анализира, изјави Филипче кој, ворамките на изборната кампања за вториот круг беше на средби со жителите од Крушевско.
Филипче најави кадровски промени во раководството на СДСМ за брзо.
-Во однос на мојот мандат, кажав. Ја затекнав партијата така како што ја затекнав. Овој изборен циклус е добар показател како треба да се продолжи во следниот период. Најавив кадровски измени во раководството, ќе се случат многу брзо и продолжуваме со иста и поголема енергија на враќање на довербата на гласачите, рече Филипче.
Според претседателот на СДСМ, партијата има повеќе гласови на локалните, во споредба на изборите од лани и при значајно помала излезност на граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ има 140 000 гласови помалку.
-Медиумите го имаат фокусот кон СДСМ, а не кон еден многу сериозен проблем а тоа е што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои изгубија 140 000 гласови ако се споредуваме со лани. Имено, на ланските избори СДСМ и тогашната коалиција имаше 152 000 гласови. Сега, за кандидатите за градоначалници имаме близу 159 000 гласови. Значи многу повеќе гласови, а на значајно помала излезност кога ги споредуваме изборите годинава и ланската година. Понатаму, на листите имаме пад од околу 20 000 гласови, меѓутоа не се вкалкулирани гласовите од коалициските партнери кои оваа година не се со нас. Значи, на помала излезност имаме ист број гласови како ланските избори. А, ВМРО-ДПМНЕ со дополнително нови коалициски партнери има 140 000 гласови помалку од лани и тоа е сериозен знак, изјави претседателот на СДСМ Венко Филипче.






