Скопје: Од „Бела чао“ до колапс на градските функции
Соња Крамарска
.Резиме на една политичката војна што го однесе главниот град во колапс – ДВ разговараше со советници во Град Скопје за тоа како изгледаше одвнатре судирот Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ.

Додека земјава одбројува до вториот круг од изборите за градоначалници, а градската управа на Скопје забрзано се пакува за заминување, заедно со градоначалничката Данела Арсовска, граѓаните на метрополата го гледаат последниот чин од тригодишната драма во Скопје која заврши со купишта смет по улиците.
„Мојата визија е да живееме во поубаво, помодерно европско Скопје. Да го трансформираме во чист, зелен, убав, модерен град и град на среќни луѓе“, рече на почетокот на мандатот Арсовска, а трансформирањето на Скопје од „дотогашното сивило во нов лик“, не се случи. Наместо ветените проекти, Советот на Град Скопје се претвори во смртоносна машина низ која како ураган се движеше најголемиот политички конфликт во историјата на Македонија, предизвикан од личен судир, одмазда и во најголема мера политички слепило за јавниот интерес.
„Земајќи предвид колкави се ингеренциите на Град Скопје, Советот претставува собрание на држава во мало, и секако дека непријателството се одрази негативно. Во изминатите четири години бев сведок на седници пропратени со сензации, криење на микрофон, закани, навреди, неконструктивност од советниците на ДПМНЕ, незавршени седници и рекорден број на барања за вонредни седници за актуелни прашања поднесени од опозицијата“, вели за ДВ од денешна дистанца Љубица Јанчева, член на Советот на Градот од СДСМ.
ДВ разговараше со најмалку тројца инсајдери кои не припаѓаа на завојуваните табори, за атмосферата во Советот на Град Скопје во изминатите четири години и за неуспешните обиди тој да ја извршува својата улога на двигател на напредокот на метрополата.
Прославата пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ што се одвиваше на 31 октомври 2021 со ништо не ги навести тешките четири години кои потоа ги преживеа Скопје. Со раскошен огномет и со песната „Бела чао“ која е светски симбол на отпорот против неправдата и угнетувањето, новоизбраната градоначалничка и лидерот на партијата која ја искачи на тронот Христијан Мицкоски, ја предводеа победничката колона која требаше да го препороди Скопје. Но епилогот беше спротивен.
„Беа блокирани и добри одлуки, како што е набавката на новите автобуси за ЈСП. Од друга страна, меѓупартиските пресметки не само во Советот, туку и внатре во самите претпријатија го создадоа хаосот кој го живееме моментално. Зелен Хуман Град беше единствената група внатре во Советот која без исклучок и принципиелно поддржуваше добри и се противеше на штетни одлуки како што е на пример БРТ“, изјави за ДВ Драгана Велковска од групата Зелен Хуман Град која имаше само двајца претставници во Советот
Пресметки и апсења
Вчера (27.10) непријателството кулминираше со приведување на директорот на ЈП Комунална хигиена Сабахадин Рустеми и уште едно лице. Рустеми кој е назначен од градоначалничката ќе одговара за несобирањето на сметот во Скопје. Но Арсовска соопшти друга верзија. „Претседателката на Управниот одбор на претпријатието Јулијана Спировска по наредба на ВМРО-ДПМНЕ континуирано со години прави опструкции додека градот не се удави во смет“, објави таа на социјалните мрежи. Арсовска тврди и дека директорот Рустеми не е виновен што не можел да набави 35 нови камиони бидејќи Спировска која е назначена од ВМРО-ДПМНЕ тоа го одложила за да ги набави фаворитот во градоначалничката трка од истата партија, Орце Ѓорѓиевски.
Арсовска која влезе во фронтален судир и со најмоќните поединци од групацијата ВЛЕН, Изет Меџити и Висар Ганиу, во најжестоките моменти своите политички пораки ги артикулираше низ досетки и вицеви што и обезбеди во јавноста и симпатии, кои сепак не успеаја да ја победат горчината на скопјани од изгледот на градот.
„Непријателството на почетоткот од мандатот беше насочено само кон советничката група на СДСМ и коалицијата. Градоначалничката нè не перцепираше како опозиција, константно нѐ навредуваше, навраќајќи се на администрирањето со Град Скопје во претходниот мандат, упатувајќи лични навреди и закани за кривична одговорност кон советниците. Но по обзнанувањето на аферата „рачиња во медот“, непријателството“ се прошири и кон ДПМНЕ“, вели Јанчева. Таа додаде и дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ во обидите за навредување имале, како што нагласи, помош од претседателот на Советот кој наместо да биде арбитер, станал рече „потпалувач“ на непријателството.
Епилог од сето тоа беше негласањето на голем дел од програмата „За модерно Скопје“, која ВМРО-ДПМНЕ велеа дека ја напишале и во која ветуваа 250 нови еколошки авторуси и бесплатен превоз за сите, а потоа не гласаа за тоа“, вели советничката во заминување Јанчева.
Престолнина на културата во 2028
Според соговорничката на ДВ Драгана Велковска проблемите што скопјани ги видоа во секојдневниот живот како што беа немањето вода со денови во ек на лето, немањето јавен превоз и во најжешкото и во најстуденото, и последното – несобирањето на комуналниот отпад беа, како што вели, физичка манифестација на бескрупулозноста на партиите и нивните партиски пазари, блокади и лични пресметки овие четири години внатре во Советот.
„Партиската суровост ескалираше сѐ повеќе секоја следна изборна година, а оваа година кулминираше со најдолни уцени во форма на комплетно оневозможување на основните јавни услуги кои сите ги плаќаме и „ветување“ дека сите проблеми магично ќе исчезнат во 72 часа ако одредена партија добие власт. Скопје никогаш до сега не било заложник на таква безочна борба за докопување до власт како што беше на овие избори“, вели за ДВ Драгана Велковска советничка во Скопје од Зелен Хуман Град.
Додека партиите ги пишуваат последните пораки пред решавачкото гласање в недела (02.11) на вториот круг за избор на градоначалници, меѓу граѓаните расте загриженоста дека пресметките врз грбот на Скопје ќе станат урнек во иднина кога градоначалникот и централната власт нема да бидат на иста политичка страна. Притоа и одговорноста за состојбата не се индивидуализираше.
„Виновен е секој што не ја користеше секоја можност да постапува водејќи се од јавниот интерес. За жал, дел од динамиката меѓу градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ нам не ни е позната бидејќи не сме ја сведочеле, но она што се гледаше во Советот е дека се пропушти можноста да се носи политичката функција достоинствено“, коментира Велковска.
Скопје ја завршува оваа ера со лоша надворешна и внатрешна слика. „Скопје и скопјани неповратно изгубија четири години, во кои требаше да се завршат започнатите проекти БРТ, мостовите на улицата Љубљанска, и на булевар АСНОМ кон Ќерамидница, и на улица Борис Трајковски, клучката кај Момин поток, пречистителната станица. Не ги добија ветените 250 нови еколошки авторуси, бесплатен превоз за сите, нови велосипедски патеки, не добија чист незагаден гасифициран град, без диви депонии, и не доби нови енергетски фасади на објектите во надлежност на Град Скопје“, дополни Јанчева.
Во 2028 Скопје треба да се претстави како европска престолнина на културата, а одлуката за тоа беше донесена од ЕУ во септември 2023 година. На прагот на 2026 година глетката во главниот град не навестува дека ќе ја оправда оваа престижна номинација. Но остануваат уште две години за поправен испит.






