Глас за „Националната алијанса за Албанците“ е всушност глас за Левица – велат од ВЛЕН
Жителите на општините Тетово, Дебар и Струга и на секоја друга албанска општина треба да знаат дека гласот што на 2 ноември ќе го дадат за „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), е всушност глас за Левица, за антиалбанство и за политички срам.

Ова е денешната реакција на коалицијата ВЛЕН за, како што велат, тешкиот политички скандал што деновиве се случува во Тетово, односно за фотографијата што е објавена по медиумите, на која се гледа претставникот на НАИ во Тетово, Арди Исмаили, на средба со кандидатката на Левица, Катка Божиновска. Тоа, според коалицијата, е доказ дека НАИ е подготвена да продаде каква било национална вредност само за да добие власт.
„Да не заборавиме која е Левица. Партија која јавно ги навреди Албанците, се изјасни против независно Косово, се спротивставува на членството на НАТО, побара затворање на џамиите и ограничување на правата на Албанците. И денес НАИ седи на маса со нив, за валкан изборен договор. Ова не е политика, ова е срамна зделка. Ова не е стратегија, ова е морален колапс“се вели во реакцијата од ВЛЕН.
Оттаму додаваат оти кандидатите за градоначалници на Тетово, Биљал Касами, и на Дебар, Фисник Мела, претставуваат достоинство, развој и иднина.
„На граѓаните им е јасно дека НАИ се подготвени да се продадат на секоја сила што ги мрази Албанците“пишуваат од коалицијата.
Во вториот круг од локалните избори, во трка за градоначалник се кандидатите на ВЛЕН, Биљал Касами, и на НАИ, Бајрам Реџепи. Во првиот круг, Касами освои 19 028, а Реџепи 15 272 гласа.
Од ВЛЕН деновиве обвинуваа дека ДУИ има срамен договор со Левица.
Јована Мојсоска, пратеничка од Левица и генерален секретар на партијата, пак, рече дека ВЛЕН и ДУИ отворено соработуваат во три општини, како Чашка, Брвеница и Кичево, веројатно како „благодарност“ што ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски ги оставија без свои кандидати за градоначалници општините Гостивар, Тетово и Струга






