Партијата Демократи 22 победи на изборите во Холандија

Социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66) на Роб Јетен е изненадувачки победник на денешните вонредни парламентарни избори во Холандија, освојувајќи најголем број гласови и 27 места во 150-члениот Долен дом на холандскиот Парламент, покажуваат резултатите од излезните анкети на агенцијата Ипсос ИО и на телевизиите НОС и РТЛ.
На второто место е десно популистичката Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс, која важеше за фаворит за победа на изборите, со освоени 25 мандати, а трета, исто така изненадувачки, е конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на Дилан Јешилѓоз-Зехериус со 23 пратенички места.
Блокот на социјалдемократската Лабуристичка партија (ПВДА) и еколошката Зелена левица (ГЛ) на поранешниот еврокомесар Франс Тимерманс, на кој во некои анкети дури му се даваше шанса за победа, освои 20 пратеници, а десно центристичкиот Христијанско-демократски повик (ЦДА) на ќе има 19 мандати.
На шестото место се пласира десничарската партија Вистински одговор 21 (ЈАК21) со освоени девет пратеници, пред десно популистичките Форумот за демократија (ФВД) со шест и Движење на земјоделците-граѓани (БББ) со четири мандати.
Места во Парламентот, според излезните анкети, освоиле уште седум партии. Левата популистичка Социјалистичка партија (СП), партијата на холандските Турци, Еднаквост (Денк), Партијата за животните (ПВДД) и конзервативната Реформистичка политичка партија (СГП) ќе имаат по три пратеници, демохристијанската Христијанска унија (ЦУ) и партијата на пензионерите 50 Плус (50+) освоија по два мандати, а социјал-либералната Волт едно место.
Според аналитичарите, резултатите од ваквите излезни анкети, се уште не даваат јасни опции за идната владина коалиција, па веројатно формирањето на новата влада нема да оди лесно. Ако се потврдат резултатите од излезните анкети за обезбедување парламентарно мнозинство ќе биде потребна коалиција од најмалку четири партии.
– Тоа по дефиниција значи комплицирано формирање коалиција. Секој треба да добие нешто, а тоа е многу покомплицирано со четири, отколку со три партии, изјави политичкиот аналитичар Арјан Норландер во гостувањето на холандскиот јавен радиодифузен сервис НОС.
Излезните анкети ги донесоа и првите партиски реакции на изборните резултати, но и првата оставка од лидерска позиција.
Лидерот на победничката Демократи 66, Роб Јетен порача дека партијата на овие избори го постигна својот најдобар резултат досега и станала најголемата партија во Холандија.
– Сведоци сме на нешто навистина извонредно и ќе биде многу возбудливо време. Но, едно е сигурно. Милиони Холанѓани ја свртија страницата. Тие се збогуваа со политиката „не може да се направи“. Тие избраа позитивните сили и политиката што ќе ни помогне да гледаме напред, рече Јетен.
Тој додаде дека чувствува огромна одговорност во наредниот период да биде тука не само за гласачите на Д66, туку и на милионите останати Холанѓани кои гласале за други партии.
– Ќе направиме се што можеме за да им покажеме на сите Холанѓани дека политиката и Владата можат да бидат тука за нив. За да се постигне ова, во наредниот период ќе биде потребно политичко лидерство од сите позитивни сили на политичкиот центар за да се оствари соработка, додаде Јетен.
Лидерот на ПВВ, Герт Вилдерс во објава на социјалните мрежи порача дека очекувал „поинаков резултат“ од изборите.
– Гласачите се изјаснија. Се надевавме на поинаков резултат, но останавме на своите позиции. Поборбени сме од кога било досега и остануваме втора, а можеби дури и најголема партија во Холандија, наведе во објавата Вилдерс, чија партија од досегашните 37 падна на 25 пратеници.
Лидерката на ВВД, Јешилѓоз-Зехериус изрази задоволство од резултатите на овие избори на кои партијата освои едно пратеничко место помалку од досегашните 24, на значително повеќе од она што и го предвидуваа излезните анкети.
– Ве сакам. Вечерва ќе се забавуваме, им порача Јешилѓоз на своите сопартијци и симпатизери, оценувајќи дека изборните резултатите покажале оти партијата се уште „стои исправено и гордо“.
Лидерот на блокот на лабуристите и зелените, Франс Тимерманс изрази разочарување од освоените 20 мандати, што е пет помалку од досега и соопшти дека поднесува оставка на лидерската функција.
– Малку разочаран од резултатите на изборите. Не успеавме да убедиме доволно луѓе да гласаат за нас. Ја преземам целосната одговорност за тоа, изјави Тимерманс, додавајќи дека дошло време да се повлечи и лидерската позиција да ја препушти на „следната генерација“.
Лидерот на ЦДА, Хенри Бонтенбал во првата реакција на излезните анкети порача дека партијата постигнала импресивен резултат откако во новиот парламентарен состав ќе има 19 пратеници, наместо досегашните пет.
– Резултатот е импресивен. Се вративме. Каков фантастичен резултат. Не се осмелувавме да сонуваме за ова пред две години, рече Бонтенбал.
Тој додаде дека ЦДА „останала верна на себе“ и ваквиот резултат го постигнала со „вистински демохристијански наратив“. Тоа покажува дека Холандија копнее по нов политички пат, истакна Бонтенбал.
Пратеникот на БББ, Хенк Вермер, изрази разочарување од, како што рече, „назадувањето“ на партијата на овие избори, кој од досегашните седум ќе падне на четири пратеници.
– Се надевам дека на крајот сепак ќе добиеме уште едно или две места, изјави Вермер.
Јудит Ајтермарк од демохристијанската партија Нов социјален договор, која во 2023 освои 20 пратеника, а сега според излезните анкети не добива ниту еден мандат, изјави дека се надевале на „подобар исход“, но дека чекаат да ги видат конечните резултати.
– Се уште се надевам дека ќе завршиме со повеќе места, отколку што имаме моментално, рече Ајтермарк.






