Д66 одново го презеде водството на изборите во Холандија, но конечниот победник ќе биде познат дури во вторник
Социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66) на Роб Јетен попладнево одново го презеде водството на предвремените парламентарни избори во Холандија одржани вчера, но победникот нема да биде познат до вторник кога Изборниот совет треба да ги објави конечните изборни резултати по пребројувањето и на сите гласачки ливчиња на Холанѓаните во странство, јави холандскиот јавен радиодифузен сервис НОС.

Холандското изборно законодавство им дава можност на Холанѓаните што престојуваат или живеат во странство да гласаат на парламентарните избори по пошта. Крајниот рок за пристигнување на овие гласачки ливчиња по пошта е понеделник вечер.
Според податоците на Изборниот совет, за учество на изборите се пријавиле околу 135.000 Холанѓани од странство, чии гласови би можеле да ја променат состојбата околу победникот.
Врз основа на последните објавени резултати од преброените гласови околу 14 часот, Д66 води пред десно популистичката Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс за 14.730 гласови.
До пред ова, ПВВ беше во водство пред Д66 за околу 1.900 гласа, но состојбата се промени по пристигнувањето на гласовите од холандските острови во Карипското Море и на целосните резултати од Амстердам, каде демократите освоија 15.122 гласови повеќе од партијата на Вилдерс.
Врз основа на досега преброените над 99 отсто гласачки ливчиња, во новиот состав на Долниот дом на холандскиот Парламент ПВВ и Д66 имаат по 26 пратенички места, пред конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) со 22, лево центристичкиот блок на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) со 20 и десно центристичкиот Христијанско-демократски повик (ЦДА) со 18 мандати.
Натаму следуваат десничарската партија Вистински одговор 21 (ЈА21) со девет пратеници, десно популистичкиот Форум за демократија (ФВД) со седум и Движењето на земјоделците-граѓани (БББ) со четири мандати. Демохристијанската Христијанска унија (ЦУ), конзервативната Реформистичка политичка партија (СГП), Партијата за животните (ПВДД), партијата на холандските Турци, Еднаквост (Денк) и левата популистичка Социјалистичка партија (СП) би имале по три пратеници, партијата на пензионерите 50 Плус (50+) два мандати, а социјал-либералната Волт едно пратеничко место.






