Митева: Јакимовски и неговата градежна дружина сакаат бетонизација на Влае, присвоена и улица за висококатница
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, денеска обвини дека актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски заедно со, како што ги нарече, „неговата градежна дружина“, се обидуваат да ја бетонизираат скопската населба Влае, при што, според неа, дури и улица била присвоена за изградба на висококатница.

Митева посочи дека фирмата „Аполо Инженеринг“ преку процес на приватизација дооформила парцела во Влае, која вклучувала и дел од улицата Есперанто, пред Кино Влае. Според неа, на таа локација претходно била уцртана маркица за зграда од страна на Јакимовски.
-Во решението за приватизација пишува дека „Аполо Инженеринг“ доставиле два геодетски елаборати во пропратната документација за приватизација. Точниот датум кога се доставени елаборатите не е наведeн, но може да се види дека се изработени по донесување на Деталниот урбанистички план (ДУП). Едниот е изработен кон крајот на 2016 година, а другиот во 2017. Во оној од 2016 е наведено дека парцелите за кои се бара приватизација се дел од градежна парцела предвидена во планот, додека пак во оној од 2017 година се другите катастарски парцели кои ја сочинуваат градежната парцела, посочува Митева.
Таа додаде дека „Аполо Инженеринг“ платиле само 285 денари за метар квадратен, со вкупна сума од нешто над 3.500 евра, по што земјиштето било продадено на Јонче Спирковски, сопственик на истата фирма, за речиси 3 милиони денари.
Митева потсети дека ДУП-от за Влае бил укинат од Уставниот суд, но откако Јакимовски повторно станал градоначалник во 2021 година, истиот план со две висококатници бил вратен во процедура.
Стевчо Јакимовски, додаде Митева, продолжува да ја турка бетонизацијата во Влае со сите сили и повика да се стави крај на ваквото делување, во недела на 2 ноември, со заокружување на бројот 9, за Сотир Лукровски.






