Вучиќ: Мојата вистинска желба е утрешниот ден да помине мирно, се извинувам за грешките

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги повика демонстрантите повторно на дијалог по одбележувањето на годишнината од падот на кровот на Железничката станица во Нови Сад и порача дека утрешниот ден треба да биде ден кој нè обединува, а не ден кој нè дополнително разделува.

„По утрешниот ден, да обидеме уште еднаш со дијалог во општеството. Уште еднаш ги повикувам оние кои протестираат да седнат за маса, да ги искажат своите желби, да учествуваат во разговори и дебати. Не преку ултиматуми, туку како дел од разговорот“, рече Вучиќ во обраќањето од Претседателството на Србија.

Вучиќ истакна дека вистинската правда мора да биде задоволена за животите кои се изгубени во тој трагичен ден.

„Во тоа сите се согласуваме. Но не правда измислена на улиците, туку правда која се носи во институциите. Некои од нас можеби мислат дека тие институции не се способни, но тоа се единствените институции што ги имаме и мораме да ги поддржиме и да апелираме тие да ја вршат својата работа. Да работат повредно и побрзо за да се открие вистината. Не вистината на едната или другата страна, туку единствената вистина. Вистината која е поткрепена со докази. Тоа е вистината која сите страни во општеството треба да бидат подготвени да ја прифатат“, додаде Вучиќ.

Претседателот истакна дека неговата вистинска желба е утрешниот ден да помине мирно и се извини за грешките направени во изминатата година.

„Да помине со повеќе тишина отколку викање, со повеќе размислување отколку надмудрување, со појасен поглед кон себе отколку кон другите. Ништо нема да добиеме ако едни други се обвинуваме, само заедничка работа може да создаде нешто подобро“, порача Вучиќ.

Тој додаде дека задачата на државата е да ги штити своите граѓани и дека е од суштинско значење да се разјасни минатото, особено за да се разбере што можеме подобро да направиме во иднина.

„Тоа е должност на нас кои ја водиме оваа земја“, заклучи Вучиќ.

Back to top button
Close