Апасиев: Ќе имате пекол во Собранието ако не го измените Изборниот законик и ако не ни дадете член во ДИK
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, се обрати на прес-конференција со жестоки критики кон двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но и кон коалицијата ВРЕДИ.

„По којзнае кој пат балистичко-врховистичката коалиција потфрли и ВРЕДИ ги зафркна ДПМНЕ насекаде каде што очекуваа нивни гласови. За возврат на кусогледоста на Мицкоски, курбан отиде Западна Македонија. Патриоти, продолжете да си го гласате Мицкоски,“ изјави Апасиев.
Тој упати порака и до своите членови и симпатизери, нагласувајќи дека Левица водела кампања со скромни ресурси, но со, како што рече, „огромен ентузијазам“.
„Зарем мислевте дека со 16.000 евра на Фејсбук можевме да победиме ламја која вцица милијарда евра во овие избори? Тие ги имаа милијардите, а ние им се спротивставивме само со едно блендирано комбе,“ истакна Апасиев.
Апасиев најави дека Левица ќе бара измени на Изборниот законик и поголема застапеност во Државната изборна комисија (ДИК).
„Ќе имате пекол во Собранието ако не го измените Изборниот законик и ако не ни дадете член во ДИК,“ порача тој. Притоа, го пофали кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, кого го нарече „новото лице на Левица“ и „специјалец што достоинствено ја претставил партијата“.






