Лукоил“ нема да ги купи назад имотите во странство ако се укинат санкциите: Газдата на „Гуновр“ за зделката
Странските средства што „Лукоил“ се согласи да ги продаде по воведувањето на санкциите од САД повеќе нема да бидат вратени на компанијата. Тие ќе останат кај трговецот со нафта „Гунвор“, кој ги купи, иако може да продаде неосновни средства на некој друг во иднина, изјави основачот на „Гунвор“, Торбјорн Торнквист, за Блумберг.

Дури и ако санкциите против „Лукоил“ бидат укинати во иднина, „Гунвор“ нема да му продаде никакви средства, изјави Торнквист: „Ова е целосен прекин; штом ќе се склучи договорот, тоа е тоа, готово е“. Тој верува дека регулаторите не треба да имаат забелешки на оваа трансакција и оти сите загрижености што властите може да ги имаат за можното континуирано влијание на Русија врз портфолиото на „Гунвор“ ќе бидат ублажени.
„Многу сме уверени дека оваа трансакција ги исполнува сите барања… и ги ублажува сите загрижености што може да се појават во врска со трансакција од ваков обем и со оглед на вклучените страни“, рече тој во вторникот на маргините на енергетската конференција во Абу Даби.
Според Торнквист, кој е коосновач на „Гунвор“ со пријателот на Владимир Путин, Генадиј Тимченко, но во голема мера го намали својот бизнис со Русија, средствата на „Лукоил“ ќе помогнат во зајакнувањето на неговата компанија преку диверзификација на нејзината позиција на сè поконкурентниот глобален пазар на нафта. За успешно завршување на договорот, Торнквист преговара со Министерството за финансии на САД за продолжување на лиценцата за оваа трансакција.
Вашингтон го постави 21 ноември како краен рок за прекинување на сите врски со руската компанија. Торнквист очекува шестмесечно продолжување – слично на она што ѝ беше доделено на германската подружница на „Роснефт“, која исто така беше санкционирана. „Апсолутно мора да добиеме продолжување“, рече тој.
Во иднина, „Гунвор“ може да продаде дел од стекнатите средства на трети страни, посочи Торнквист. „Јасно е дека постојат средства кои, според наше мислење, би биле подобро зачувани во други раце“, истакна тој, додавајќи дека е прерано детално да се дискутира за ова прашање.
Минатата недела, „Лукоил“ се согласи да му ја продаде на Гунвор својата подружница во целосна сопственост, „Лукоил интеренешенал“, која поседува средства во 11 земји – од капацитети за производство на нафта и мрежи на бензински пумпи до трговската дивизија на Блискиот Исток. „Лукоил“ во македонија има 40 бензински пумпи и 550 вработени.
„Гунвор“, основана од Торнквист и Тимченко, долго време беше најголемиот извозник на руска нафта и нафтени производи. Министерството за финансии на САД веруваше дека Путин е директно вклучен во активностите на Тимченко во енергетскиот сектор. Во 2012-2013 година, „Гунвор“ ги намали купувањата на руска сурова нафта и се префрли на спот договори. И кога САД воведоа санкции против Тимченко во март 2014 година во врска со заземањето на Крим од страна на Путин, Торнквист го откупи уделот од 44 отсто на својот партнер.(nezavisen.mk)






