Аеродромот во Хановер привремено ги прекина летовите поради забележан дрон

Летовите на аеродромот во германскиот град Хановер вчера доцна вечерта биле привремено прекинати откако во негова близина бил забележан дрон, соопшти полицијата. Аеродромот бил затворен од 22 до 22:45 часот откако пилот пријавил дека видел дрон во близина на аеродромот, изјавил портпаролот на локалната полиција за германската новинска агенција ДПА.

Според првичните извештаи беспилотното летало се движело над блиската индустриска зона.

Поради инцидентот, три авиони биле пренасочени, додека други два успеале да слеаат и да полетаат, но со задоцнување.

Еден од авионите требало да пристигне од Франкфурт, но поради ситуацијата бил пренасочен кон Хамбург, јавува ДПА, повикувајќи се на свои извори.

Инаку, неидентификувани беспилотни летала изминатиот период во неколку наврати беа забележани и го нарушија функционирањето на аеродромите во повеќе германски градови.

Во неделата, летовите на аеродромот во Бремен беа прекинати на речиси еден час откако беше забележан дрон. Два дена претходно, односно во петокот вечерта, аердромот „Берлин-Бранденбург“ во главниот град на Германија беше затворен околу два часа од иста причина.

Дроновите претставуваат безбедносен ризик во близина на аеродромите бидејќи можат да го попречат слетувањето и полетувањето на авионите и да предизвикаат сериозен инцидент.

Германската контрола за воздушен сообраќај регистрираше повеќе инциденти со дронови на аеродромите во Бремен и Хановер оваа година, се додава во извештајот на ДПА.

Инаку, освен во Германија, уште неколку европски престолнини изминатите неколку месеци се соочија со нарушување на авионскиот сообраќај на аеродромите поради забележани дронови.

На почетокот на минатиот месец, германските власти соопштија се на чекор од донесување одлука со која на полицијата ќе и дадат одврзани раце да соборува беспилотни летала кои неовластено се движат во нејзиниот воздушен простор.

Back to top button
Close