Германскиот челичен сектор во „егзистенцијална криза“, предупреди Мерц

Германската челична индустрија се наоѓа во „егзистенцијална криза“, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц, по состанокот со водечките претставници на секторот во Берлин.
Т.н. „челичен самит“ имаше цел да ги разгледа начините за поддршка на домашните производители кои се под притисок од новите американски царини, растечката кинеска конкуренција и слабата побарувачка од автомобилската индустрија, пренесе ДПА.
Мерц истакна дека секторот треба да биде заштитен од навлегување на кинески производи на европскиот пазар поради американските трговски бариери, изразувајќи поддршка за мерките предложени од Европската комисија.
– Мора да ги заштитиме нашите пазари и нашите производители, рече тој, повикувајќи да се даде предност на европскиот челик при јавните набавки.
На 90-минутниот состанок во канцеларијата на канцеларот присуствуваа претставници од индустријата и синдикатите, како и неколку министри.
Мерц го опиша разговорот како „многу конструктивна дискусија што резултираше со целосен консензус, вклучително и за заклучоците што треба да се извлечат од неа“.
Тој посебно им се заблагодари на претставниците на работниците за нивните емотивни излагања кои го покажале човечкиот аспект на кризата.
– Не зборуваме за апстрактни економски бројки, туку за судбината на една клучна индустрија“ рече Мерц, „и за судбината на работниците и нивните семејства, кои мора да можат да сметаат дека политиката ќе ги заштити овие работни места“.
Претседателот на Германската асоцијација за челик предупреди дека работните места може трајно да се изгубат ако не се преземат мерки за зајакнување на отпорноста на секторот.
– Нема да можеме да ја вратиме додадената вредност што моментално се губи, изјави Гунар Греблер во соопштение по разговорите.
Греблер, кој е и извршен директор на германскиот челичен производител Salzgitter, нагласи дека работниците во индустриските региони се особено загрижени за својата иднина.
– Ако сакате да обезбедите социјална хармонија, мора да ја зајакнете индустриската основа на оваа земја, рече тој.
Тој го пофали Мерц за организирањето на состанокот, велејќи дека силното присуство на федерално и покраинско ниво, како и на индустријата и синдикатите, покажува дека „обезбедувањето на иднината на челичната индустрија е заедничка национална задача“.
Опишувајќи го челикот како темел на секоја индустрија, Греблер истакна дека околу 5,5 милиони работни места директно или индиректно зависат од челичните синџири на вредност.
За зајакнување на секторот, тој повика на цврста трговска заштита од ценовен дампинг, конкурентни цени на енергијата, побрз развој на водородната индустрија и поголема побарувачка за нискоемисионен челик произведен во Германија и ЕУ.
Европската комисија предложи различни мерки за заштита на домашните челични индустрии, вклучително и намалување на лимитите за бесцарински увоз и двојно зголемување на царините на 50 отсто за увоз над дозволената граница.
Мерц експлицитно ги пофали овие мерки, предупредувајќи дека пазарот е преплавен со субвенциониран челик од Кина.
Иако отворените пазари некогаш се сметаа за правилен пристап, „тие времиња, за жал, се завршени“, рече тој.
Сепак, заштитните тарифи на ЕУ би можеле да влијаат врз трговските преговори со Соединетите Држави, кои воведуваат царини од 50 отсто на челик и алуминиум, потег што германската Влада остро го критикува.
Германскиот министер за финансии Ларс Клингајл изјави: „Мислам дека е правилно што секогаш ја ставаме трговијата базирана на правила на прво место, но не смееме да бидеме тие што ќе изгубат.“
Германската Влада, исто така, сака да се заложи за рано запирање на увозот на челик од Русија како дел од новите санкции поради војната во Украина. Клингајл рече дека е „необјасниво“ зошто сè уште се увезуваат челични производи од Русија.
Мерц, исто така, ја истакна важноста на трошоците за енергија, предупредувајќи дека „без ефикасно намалување на цената на електричната енергија, оваа индустрија не може да опстане.“
Германската Влада планира да воведе субвенционирана индустриска цена на струјата по неколкумесечни преговори со Брисел.
– Очекуваме наскоро да имаме јасни информации дали оваа индустриска тарифа ќе биде одобрена, рече Мерц. „Перспективите се добри“, додаде тој
Друга тема беше преминот кон „зелен челик“, заснован на обновливи извори на енергија, со цел намалување на емисиите на јаглерод.
Германската влада сега се залага за попрагматични критериуми за европското финансирање, вклучувајќи поголема флексибилност во користењето на гас наместо водород.
Клингајл додаде дека и компаниите имаат обврска да придонесат за успехот на индустријата. „Очекуваме компаниите да ги обезбедат своите производни локации и да ги зачуваат работните места. Ни требаат договори за сигурност на вработувањето и производството“, подвлече тој.






