Ненси Пелоси најави дека ќе се пензионира

Американската конгресменка Ненси Пелоси, која четири децении беше една од највлијателните личности во, сега опозициската, Демократска партија, и во американската политика воопшто, како и првата жена што го предводеше Претставничкиот дом, денеска најави дека ќе се пензионира во јануари 2027 година, по завршувањето на нејзиниот актуелен мандат, по 40 години служба во Конгресот.

– Навистина ми беше чест и задоволство да го претставувам вашиот глас во Конгресот, рече 85-годишната политичарка во видео-порака објавена на социјалните мрежи, обраќајќи се на граѓаните на Сан Франциско, кои ги претставува од 1987 година.

За време на првиот мандат на Доналд Трамп (2017 – 2021), Пелоси, конгресменка од Калифорнија, стана една од водечките фигури во таборот на противниците на Републиканците, прво како лидерка на демократското малцинство, а од 2019 година и како претседателка на Претставничкиот дом, кога демократите го вратија мнозинството.

Во оваа улога, која претходно ја извршуваше и од 2007 до 2011 година, Пелоси зазеде централно место во американската политика. Таа се смета за клучна фигура во усвојувањето на реформата за здравствена заштита на претседателот Барак Обама во 2010 година и масовните инвестициски планови на Џозеф Бајден во 2021 година.

Во времето на претседателството ан Трамп, таа беше дел од една од најзапаметените сцени од тие години, за време на неговиот годишен говор за состојбата на нацијата во 2020 година, Пелоси, која седеше зад него, со видно негодување го слушаше говорот, а потоа стана и го искина примерокот од неговиот говор. Подоцна објасни дека сакала да уништи „куп лаги“.

Еден од најдраматичните моменти од нејзиниот мандат беше 6 јануари 2021 година, кога приврзаници на Трамп насилно упаднаа во Капитол.

Кога нејзиниот тим ја известил дека Трамп размислувал лично да се појави во толпата, Пелоси изјавила: „Ако дојде, ќе го истерам со тупаници! Тоа одамна го чекам. Со задоволство би завршила во затвор!“

Трамп, пак, ја нарекуваше „Лудата Ненси“ и „карикатура од политичкото мочуриште“ против кое, како што тврдеше, се бори.

Во јануари 2022 година, Пелоси мораше да се повлече од местото претседателка на Претставничкиот дом, откако Републиканците го вратија мнозинството, и тогаш најави дека ќе се откаже од сите водечки позиции во рамките на демократското малцинство.

Back to top button
Close