Баро: Американските воени операции во Карипското Море го кршат меѓународното право
Франција е загрижена за американските воени операции во Карипското Море бидејќи тие го кршат меѓународното право, изјави шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро, пренесоа британските медиуми.

Американската војска досега изврши најмалку 19 напади врз бродови за кои се сомнева дека се занимаваат со трговија со дрога во Карипското Море и крај брегот на Пацификот во Латинска Америка, при што загинаа најмалку 76 лица.
„Со загриженост ги следиме воените операции во карипскиот регион бидејќи тие го кршат меѓународното право и бидејќи Франција има присуство во овој регион преку своите прекуокеански територии, каде што живеат повеќе од еден милион наши сонародници“, рече Баро на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Канада.
„Затоа тие би можеле да бидат погодени од нестабилноста предизвикана од каква било ескалација, што очигледно сакаме да ја избегнеме“, додаде тој.
Американските претставници претходно изјавија дека најголемиот носач на авиони во светот, „УСС Џералд Форд“, се преселил во регионот, придодавајќи се на осумте воени бродови, нуклеарна подморница и борбени авиони Ф-35 што веќе се наоѓаат во Карибите.






