Денис Прешова: За Гостивар постои колизија меѓу Изборниот законик и Законот за локална самоуправа

Прешова вели дека Гостивар е „посебен случај“ поради постоењето в.д. градоначалник избран според Законот за локална самоуправа, чиј мандат, според измените од 2024 година, треба да трае до изборот на нов градоначалник на првите редовни избори

Професорот смета дека решението во Изборниот законик, според кое Владата треба да назначи повереник, претставува нарушување на принципот на супсидијарност, сфатен во поширока смисла

Општина Гостивар е посебен случај во однос на прашањето за именување повереник од страна на Владата откако на локалните избори во првиот круг не беше исполнет условот за излезеност, вели Денис Прешова, вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје.

Прешова смета дека правната состојба во Општина Гостивар, по завршувањето на првиот круг од локалните избори, претставува директна колизија меѓу Изборниот законик (ИЗ) и Законот за локална самоуправа (ЗЛС).

Прешова, појаснувајќи ја својата изјава дадена во телевизиска емисија, нагласува дека Гостивар е „посебен случај“ поради постоењето в.д. градоначалник избран според ЗЛС, чиј мандат, според измените од 2024 година, треба да трае до изборот на нов градоначалник на првите редовни избори.

„Важно е да се нагласи дека вакво правило не постои кога станува збор за ’редовните’ градоначалници бидејќи во ЗЛС нема одредба која предвидува дека нивниот мандат ќе трае до изборот на нов градоначалник, туку единствено дека нивниот мандат трае четири години и поради тоа не може да се претпостави дека тој продолжува и по истекот на времето за кое е избран, а до изборот на нов градоначалник“вели Прешова во објава на неговата фејсбук-страница.

За в.д. градоначалник важат поинакви правила

Според него, за в.д. градоначалникот важат поинакви правила и тој согласно ЗЛС би требало да остане да ја врши оваа должност до изборот на новиот градоначалник.

„На овој начин конкретната одредба од ЗЛС е во директна колизија со соодветната одредба од Изборниот законик (ИЗ) бидејќи според ЗЛС имаме в.д. градоначалник кој треба да ja врши должноста до избор на нов градоначалник, а во исто време го имаме ИЗ кој регулира дека ако по вториот круг не се избере градоначалник тогаш Владата именува повереник“додава Прешова.

Според Прешова, еден од клучните проблеми е што согласно одредбите на ИЗ изборите не се завршени, односно уште траат првите редовни избори во смисла на ЗЛС.

Професорот појаснува дека според ИЗ, кога во првиот круг нема да се исполни условот за излезеност, се „повторува целата изборна постапка“.

Врз основа на овие одредби, Прешова вели дека јасно се заклучува оти се повторуваат првите редовни избори и тие уште не се завршени во смисла на тоа до кога в.д. градоначалникот ја врши должноста градоначалник.

Конфузијата е резултат на ад хок интервенции во законите

Следното прашање што се наметнува и се проблематизира, според него, е фактот дека в.д. градоначалникот е избран од Совет на општина чиј мандат истекол и по изборите е конституиран нов Совет.

Тој посочува на член 54, став 6, во кој се регулира дека „[на] членот на советот му мирува функцијата член на советот за времето на вршењето на должноста градоначалник“. Според Прешова, тоа укажува на тоа дека имајќи предвид дека в.д. градоначалникот треба да биде од редот на советниците и дека тој мандат мирува во оваа ситуација, немаме в.д. градоначалник кој е член на Советот и неговиот мандат е истечен и нема што да мирува.

Оваа конфузија, вели Прешова, е резултат на ад хок интервенции во законите.

Професорот Прешова смета дека решението во ИЗ, според кое Владата треба да избере повереник, претставува нарушување на принципот на супсидијарност, сфатен во поширока смисла.

„На овој начин се врши еден вид на упад во локалната самоуправа, која е уставно загарантирано право на граѓаните, со тоа што покрај новоизбран и постоечки Совет на општината се отстапува право на Владата да именува повереник“пишува тој.

Професорот потсетува дека според оваа логика, при претходните локални избори, Владата ги именувала дотогашните градоначалници како повереници.

„Од друга страна, ИЗ со оваа одредба навлегува во прашање кое не е директно поврзано со предметот на овој законик, туку со прашање кое е предмет на ЗЛС, а тоа е регулирање на ’организацијата и работата на органите на општината’“,објаснува Прешова.

Според него, ЗЛС е специјален закон за регулирање на работата на локалните органи и би требало да има предност во примената пред ИЗ.

Предност треба да се даде на локалните решенија

Професорот додава дека сите три потенцијални решенија – именување повереник, останување на досегашниот в.д. градоначалник или избор на нов в.д. градоначалник од новоизбраниот Совет – се проблематични.

Тој вели дека предност треба да им се даде на локалните решенија и, дури и Владата да постави повереник, тој/таа да биде од општината и по можност актуелниот в.д. градоначалник или член на новиот Совет.

Прешова предупредува и на тоа дека нема јасни правила дали и како ќе бидат распишани нови избори доколку во повторените избори, иако веројатноста е многу мала, и по вториот круг повторно не се избере градоначалник, а со оглед на тоа што важат истите правила и услови со исклучок на условот за излезеност.

„Сегашните повторени избори ќе бидат распишани поради тоа што во првиот круг не беше исполнет условот за излезеност согласно член 132-а, а оваа одредба не може да се примени по првите повторени избори бидејќи сега нема таков услов“додава Прешова.

На член 54 од Законот за локална самоуправа пред два дена се повика и в.д. градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани, кој смета дека најавите за негова смена преку назначување владин повереник се незаконски.

В.д. градоначалникот на Гостивар смета дека назначувањето владин повереник да ја води општината е незаконско

Тој порача дека Уставниот суд треба да го реши прашањето за тоа кој ќе ја води Општина Гостивар до повторувањето на изборите, кои пропаднаа поради недоволната излезеност.Инаку, во првиот круг од локалните избори освен во Гостивар поради ниска излезеност изборите за градоначалник пропаднаа во уште три општини – Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.

Владата очекува во текот на оваа недела Државната изборна комисија (ДИК) официјално да го заокружи процесот и да ја информира дека изборите се завршени.

Потоа, Владата има рок од 15 дена да постапува по тоа. ДИК, пак, треба да го информира Собранието за во рок од 60 дена да распише нови избори во општините каде што беа неуспешни. При повторените избори за градоначалник нема услов за минимален одѕив.

Back to top button
Close