Судење за „Пулс“: Пронајдени ресивери за пиротехника и заклучени врати со катанци

Јавното обвинителство денеска презентираше материјални докази од увидот во опожарениот објект „Пулс“ во Кочани. Меѓу пронајдените предмети се изгорен ресивер за активирање пиротехника, црн ранец со дополнителна опрема, батерии и неискористени пиротехнички средства.

Пред Судот беше прикажан фотоалбум од 92 фотографии кои ја документираат затекнатата состојба, вклучувајќи ја внатрешноста на објектот, поставеноста на бината и решетките на прозорците. Обвинителството посочи дека во објектот биле пронајдени и три празни противпожарни апарати.

„Над бината е нотирано дека имало метални конструкции и конзоли поставени на висина измерено растојание од бината до плафонот од 2,7 метри, што укажува на мала оддалеченост меѓу сценскиот дел и горните елементи“, истакна застапникот на обвинението.

Беше презентирана и неоштетена пиротехничка фонтана, чија спецификација покажала дека нејзиниот домет бил поголем од растојанието помеѓу бината и плафонот. Дополнително, беше нагласено присуството на лесно запаливи материјали како стиропор и первол.

„Утврдени се ограничувачки и небезбедни услови за движење и евакуација, при што се наведени преградна двокрилна врата, алуминиумска, како и странична врата без квака со заклучена брава, метални алки и катанец во заклучена положба“, посочи јавниот обвинител.

Во записникот е констатирано дека пожарот настанал како последица на употреба на пиротехника од страна на групата ДНК. Вештачењето утврдило дека сунѓерот во објектот при согорување создавал жешки капки, кои биле пронајдени и кај дел од починатите, како и на облеката на пејачот Андреја Ѓорѓиевски.

Рочиштето помина во тензична атмосфера откако одбраната го оспори вештачењето на Институтот за судска медицина и побара изземање на дел од доказите, што Судот го одби како неосновано.

Извор: press24.mk 

Back to top button
Close