ЕУ нема да дозволи Србија да седи на две столчиња

Европската комесарка за проширување, Марта Кос, изјави дека сака да види демократска Србија во Европската Унија, но дека очекува јасна ориентација од неа, а не седење на две столчиња, објава Н1.
На средба со новинари на маргините на Форумот за проширување на ЕУ во Брисел, Кос изјави дека за неа е неприфатливо што некои руски граѓани, вклучително и оние на списокот со санкции, добиваат српско државјанство преку посебни процедури, како и дека присуството на српската армија во руската воена вежба „Запад“ е неприфатливо.
„Ако учествувате во акцијата на армијата што убива луѓе во Украина, заборавете го процесот на пристапување, поглавјата, таква земја никогаш не може да стане членка на ЕУ, но тоа е ваш избор“, рече еврокомесарката.
Кос оцени дека овогодинешниот извештај на Европската комисија за Србија бил суров.
„Јас сум сурова и строга личност, но исто така и фер и ангажирана. Ја гледам Србија во Европската Унија, но демократска Србија. Не можете да седите на две столчиња и да гледате кон ЕУ за пари, а кон другата страна за гас“, рече Кос.
За тоа дека енергетската криза и американските санкции против НИС се во прашање, Кос рече дека ЕУ е подготвена да ѝ помогне на Србија.
„Доколку е потребна помош, ние сме тука. Можеме да помогнеме финансиски, со енергетската структура“, рече Кос, додавајќи дека не е лесно за Србија целосно да се одвои од Русија во однос на енергетиката.
Кос рече дека политичарите во Србија треба да престанат со антиевропската реторика и дека најважно е да се изгради довербата кај граѓаните кои, како што додаде, ѝ веруваат на ЕУ помалку отколку порано.
„Членството доаѓа со одговорност и посветеност од двете страни. Треба да ги поддржиме независните медиуми и организациите на граѓанското општество“, рече Кос.






