Пожар во густо населена област во Јапонија: Едно загинато лице, уништени над 170 домови
Едно лице загина, а цела станбена област е претворена во пепел по силниот ноќен пожар што го зафати јапонскиот град Оита. Телото пронајдено утрово сè уште се идентификува, но полицијата проверува дали станува збор за 76-годишниот маж кој се води како исчезнат.

Повеќе од 170 домови се уништени или тешко оштетени во огнената стихија што избувна во пристанишниот дел Саганосеки и за кратко време се прошири низ густо населениот кварт. Пожарот гори повеќе од 12 часа, а пожарникарите и понатаму се борат со жариштата што се шират кон околната пошумена површина.
Префектурата Оита побара дополнителна помош за гаснење, бидејќи огнот зафати околу 48.900 квадратни метри – територија еквивалентна на неколку фудбалски игралишта.
Градоначалникот Шиња Адачи увери дека, според последните процени, не се очекува пламените јазици да се прошират понатаму, но состојбата останува сериозна. Високиот функционер Шого Фуџикава додаде дека густината на чадот се намалува и дека пожарот се движи кон тоа да биде ставен под контрола, иако е „прерано за конечни проценки“.
Јапонската премиерка Санае Такачи порача преку платформата Х дека централната влада ќе обезбеди максимална поддршка и тесно ќе соработува со локалните служби за помош на погодените жители.






