Трамп го потпиша законот за објавување на досиејата на Епштајн
Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека го потпишал законот со кој се одобрува објавувања на сите истражни досиеја за починатиот сексуален предатор Џефри Епштајн.

Претходно законот беше усвоен од Конгресот со 427 гласа „за“ и еден „против“ од републиканецот Клеј Хигинс од Лујзијана и од едногласно во Сенатот.
Сега федералните обвинители во рок од 30 дена треба да ги објават сите недоверливи документи и записи, како и комуникациите и истражните материјали што ги имаат Министерството за правда, ФБИ и канцеларијата на државниот обвинител.
Главната државна обвинителка Пем Бонди потврди дека Министерството за правда ќе ги објави материјалите за Епштајн во рок од 30 дена.
Досиејата треба да откријат со кои моќни луѓе Епштај се дружел пред да биде осуден во 2008 година за наведување малолетничка во проституција. Како и детали за неговото самоубиство во 2019 година во затворот во Менхетн откако беше уапсен за сексуални злосторства.
Епштајн во 2008 година постигна спогодба со обвинителите откако родителите на 14-годишно девојче пријавиле во полицијата во Флорида дека тој ја злоупотребил нивната ќерка во неговата вила во Палм Бич. Потоа беше осуден за подведување малолетник, регистриран како сексуален престапник, и благодарение на спогодба за признавање на вина, избегна построга затворска казна.
Единаесет години подоцна, тој беше обвинет за водење мрежа од малолетни девојки за обезбедување сексуални услуги. Почина во затвор чекајќи судење, а неговата смрт беше прогласена за самоубиство.
За време на двете кривични истраги собрана е огромна колекција документи, вклучувајќи транскрипти од разговори со жртви и сведоци и предмети запленети за време на рациите на неговите бројни имоти.
Посебна истрага беше спроведена и против неговата британска колешка и поранешна девојка Гилејн Максвел, која во 2021 година беше осудена за заговор со Епштајн за трговија со девојки за сексуални цели. И Епштајн и Максвел беа предмет на граѓански тужби.
Демократи во Претставничкиот дом минатата недела објавија над 20.000 документи од архивата на Епштајн






