Пезешкијан: Преселувањето на престолнината Техеран е неопходно заради кризата со вода

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека преместувањето на главниот град од Техеран е неопходност поради зголемениот недостиг на вода и пренаселеноста, објавија иранските медиуми.

-Реалноста е дека повеќе немаме друг избор, тоа е неопходно. Не можеме да го оптовариме ова подрачје со уште повеќе население и нови градби. Можеме да се развиваме, но не можеме да го решиме проблемот со водата, рече тој, објави Тасним.

Тој истакна дека преместувањето на секој кубен метар вода од Персискиот Залив чини многу, прашувајќи дали е логично да се плати таква цена.

„Која е логиката зад ова? Затоа, еднаш засекогаш, мора да создадеме нов, научен и сеопфатен план за иднината на нашата земја“, рече иранскиот функционер.

Тој претходно ја спомена идејата за преместување на главниот град, бидејќи Техеран годинава имаше најмали врнежи од дожд во еден век.

Соочена со недостиг, иранската влада одлучи периодично да го исклучува снабдувањето со вода во Техеран, град со 10 милиони жители, за да ја ограничи потрошувачката.

Back to top button
Close