Гордaна Сиљановска-Давкова по повод 22 Ноември: Албанскиот јазик е дел од раскошниот мозаик на различностите што е влог во иднината на нашата заедничка татковина

Претседателката Гордaна Сиљановска-Давкова, по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упатува честитка до сограѓаните Албанци, во која, како што се вели, со особена почит го честита 22 Ноември – празник којшто претставува силен симбол на просветителскиот напор, културната зрелост и историскиот опит на албанскиот народ.

-Пред 117 години унифицираната азбука го започна своето патување од Конгресот во Битола, како најважен комуникациски код на еден народ, за денес да се потсетиме дека јазикот и писмото се темелни вредности коишто го обликуваат колективниот идентитет и ја зајакнуваат духовната поврзаност меѓу генерациите. Почитта кон јазикот и кон писмото на секоја заедница ја зајакнува социјалната кохезија и го сплотува македонското мултиетничко општество. Албанскиот јазик е дел од раскошниот мозаик на различностите што е влог во иднината на нашата заедничка татковина, се вели честитката од Сиљановска-Давкова.

На овој празник, стои во честитката, изразуваме признание за вашиот континуиран придонес за развојот на образованието и културата во општествениот живот со кој се збогатува нашата заедница.

-Честит нека ни е Денот на албанската азбука. Продолжуваме заеднички да ја градиме државата во духот на почит, еднаквост и единство. Urime Dita e Alfabetit të Gjuhës Shqipe, се вели во честитката од Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 22 Ноември.

Back to top button
Close