Курти од Битола за Денот на Албанската азбука: Албанците да се обединат преку јазикот

Единствениот јазик и писмо се основа на националното единство, нагласи косовскиот премиер Албин Курти на 117-годишнината од Денот на албанското писмо во Битолa, каде што во 1908 година се одржа историски конгрес.
По тој повод, Курти одржа говор во кој рече дека од Конгресот во Битолa во 1908 година до Конгресот за правопис во 1972 година, напорите биле насочени кон обединување на пишаниот албански јазик, не само од практични причини, туку и од друга причина: за да можат, и покрај политичките, регионалните и идеолошките поделби, Албанците да се обединат преку јазикот.
„Овој говор што го читам пред вас е напишан со една од двете азбуки што Конгресот ги усвои за употреба од страна на сите Албанци пред 117 години. Азбуката на друштвото „Агими“ изгледа толку едноставно, функционално, но во исто време и толку возвишено. Ја учиме во раното детство, трансформирајќи ги звуците на нашиот мајчин јазик во букви, и никогаш не се разделуваме од неа, без разлика каде се наоѓаме, бидејќи најраспространетите јазици во светот, низ човечката историја, се напишани со истите букви – исто како и нашиот прекрасен албански јазик“, рече Курти, меѓу другото, според соопштението од Владата на Косово.
Тој додаде дека ова е и една од причините зошто 22 ноември се одбележува секоја година како Ден на албанската буква.
„Затоа, Битола се приклучува кон Призрен и Валона како три клучни места во нашата историја. Прославата и на Конгресот во Битола и на Собранието во Валона во истата недела го поврзува јазикот и културата со идејата за слобода и самоопределување. И двата датуми ја пренесуваат нашата меморија, наследство и волја да ги направиме овие векови вечни – за единството и развојот на Албанците“, нагласи Курти и додаде:
„Во големиот триаголник на модерната албанска епоха – Призрен, Манастир (Битола), Валона, денес се наоѓаме во „најчувствителниот агол. Великаните на нашата историја, поетите и идеолозите, знаеја дека можеме и мораме да се обединиме прво во мислата. А мислата се разјаснува во јазикот. Ви благодарам за гостопримството и вниманието. Среќна 117-годишнина од Конгресот за азбуката“, заклучи Курти.






