Костадинов: Општина Струмица ги намали платите на пожарникарите, а пари има
Екс-градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов објави дека е изненаден од одлуката на општината да ги намали платите на пожарникарите спасители. Според него, високата плата на пожарникарите спасители не е само обично покачување на примањата, туку претставува поттик за економскиот развој на општината.

-Начин за исплата на зголемените плати има. Ако ТППЕ Струмица има околу триста интервенции во општина Струмица, верувам дека има уште толку и во околните општини, а тоа го правиме во знак на добра волја, без финансиска партиципација од нивна страна.
– Advertisements –
Пред неколку дена видов дека близу една милијарда денари ќе има поддршка и од Министерството за одбрана за финансиска поддршка на пожарникарите, што е добро и согласно собраниските процедури и читањето на националниот буџет би дошло во вистинско време. Сè што е потребно е добра волја и искрен пристап, а убеден сум дека ги има од сите страни, истакна поранешниот градоначалник.
Оценува дека одредени индивидуи од секторот за финансии извршиле сериозен притисок за да се донесе ваква одлука.
-Мојот став за пожарникарите спасители останува непроменет. Тие се нашите херои и како такви треба да ги чуваме во „стаклено ѕвоно“. Имам искуство со многу правни голготи низ кои поминуваа за да ги остварат своите права: од регулирањето на хранарината, до плаќањето на викендите, систематизацијата и уште еден куп други бирократски, досадни пречки кои го попречуваа остварувањето на нивните основни права. Верувале или не, и покрај сето тоа, тие никогаш не размислуваа кога стануваше збор за нивната улога во заштита на нашата безбедност и превенција.
Од тие причини сметам дека освен платата и социјалниот статус на пожарникарот спасител мора да биде ставен на високо ниво. Затоа беа моите одлуки во рамки на мојот мандат тие да добијат ослободување од плаќање паркинг и бесплатен превоз во рамки на ЈСП Струмица како поттик и мотив кон нив дека не се заборавени, туку се симбол со кој Струмица се гордее, стои во реакцијата на Костадинов.






