Истражување: Седата коса е природна заштита против меланом

Нов научен труд од Универзитетот на Токио посочува дека седата коса може да послужи како вграден одбранбен механизам на телото против меланом – најсмртоносниот облик на рак на кожата, објавува „Далас експрес“ (Dallas Express).

Истражувачите, имено, откриле дека матичните клетки одговорни за пигментацијата на косата имаат критична улога по оштетувањето на ДНК – можат или да созреат во клетки што произведуваат пигмент, коешто на крајот го намалува нивниот број и доведува до сиви влакна, или да останат на место и потенцијално да станат канцерогени. Трудот, предводен од јапонската професорка Еми Нишимура и вонредниот професор Јасуаки Мори, покажува дека исходот зависи од видот на оштетување и хемиските сигнали од околното ткиво.

 

Кога меланоцитните матични клетки кај глувците биле подложени на сериозно геномско оштетување, како што се двојни прекини на ДНК, тие предизвикале заштитен одговор наречен диференцијација поврзана со стареење, преку патеката п53-п21. Оштетените матични клетки престанале да се обновуваат, се диференцирале во пигментни клетки и на крајот исчезнале. Така се јавила седоста, но и се елиминирала опасноста од рак.

 

– Истата појава и движење на матични клетки може да следи спротивни патеки – намалување или зголемување, во зависност од видот на стрес и сигналите од микросредината, вели Нишимура.

 

Наодите, објавени во неодамнешното издание на научното списание „Нејчр“ (Nature), ја претставуваат седата коса како активен механизам против ракот, а не само како деградација. Научниците предупредуваат дека врската не е директно причинска. Самата боја на косата не го одредува ризикот од рак, туку „одлуката на телото да ги жртвува“ пигментните матични клетки го намалува бројот на клетки што би можеле да станат малигни.

Тимот од Токио вели дека резултатите на крајот би можеле да доведат до терапии што безбедно го забавуваат видливото стареење на кожата и косата или ја подобруваат превенцијата од меланом со прецизно регулирање на одговорите на матичните клетки на оштетувањето.

Back to top button
Close