Филков до Европски фронт: Трагично е што дискусијата ја сведувате на пари вложени во судството а не направивте ништо додека бевте на власт
Министерот за правда Игор Филков, говорејќи за Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата, на пратеничко прашање од Дијана Тоска од Европски фронт, изјави дека Министерството за правда во изминатите месеци подготвило повеќе од 20 закони.

„Пред да се навратиме на прашањето, би сакал да потсетам дека реформскиот процес е нешто што претходната влада го прифати без да дискутира за роковите во последната година од мандатот. Знаеле, или мислеле, дека по изборите никој нема да успее за кратко време да ги донесе сите суштински реформи и да ја придвижи државата напред,“ рече Филков.
Тој нагласи дека Законот за судски совет веќе ја поминал владината процедура, а во постапка се и:
Законот за платите на судиите
Законот за платите на јавните обвинители
Законот за платите на членовите на Судскиот совет
Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители
Законот за судска служба
Законот за јавнообвинителска службаФилков посочи и дека во финална фаза се подготовките на: Законот за јавно обвинителство, Законот за Советот на јавни обвинители, Кривичниот законик, Законот за кривична постапка, Законот за судски буџет, Законот за судови и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.
„Бидејќи наследивме хаос, овие не беа единствените закони што требаше да ги адресираме. Министерството за правда, низ отворен и транспарентен процес, работеше и на следните закони“, додаде Филков.
Во владина процедура се и: Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи, Законот за парнична постапка, Законот за вештачење, Законот за процена и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во финална подготовка се: Законот за заштита на лични податоци, Законот за пробација, Законот за извршување на санкции, Законот за помилување и Законот за здруженија и фондации.






