Герасимовски урна уште една дивоградба на Орце Николов. Газдата ги игнорирал опомените
Општина Центар ја урна бесправната доградба на деловен објект на улица Орце Николов бр. 139, во Дебар Маало, поставена без одобрение за градење и на јавна површина која е предвидена да им служи на сите граѓани. Доградбата, со димензии 15 x 5,7 метри, била изградена од страна на инвеститорот „Екотон Дизајн“, кој не постапил по решението за отстранување издадено од градежниот инспектор.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека општината нема да дозволи узурпирање на јавниот простор
– Јавните површини во Центар им припаѓаат на сите граѓани и нема да дозволиме да станат приватен имот поради самоволие – изјави Герасимовски.
Тој додаде дека секој бесправен објект ќе биде санкциониран со решенија и постапки за негово целосно отстранување.
Општинските служби интервенирале откако инвеститорот не ги почитувал ниту решението, ниту неколкуте опомени.
– Ова е порака дека редот мора да важи за сите. Продолжуваме со акцијата за расчистување на дивоградби низ општината – нагласи Герасимовски.
Во рамките на пошироката стратегија за уредување на урбаниот простор, Општина Центар спроведува засилени инспекциски контроли со цел заштита на јавниот интерес и враќање на просторот назад кај граѓаните.






