Тамара Јованов: Безбедноста на жените е политичко прашање
Безбедноста на жените и граѓаните не е само прашање на домашно воспитување или на институционални пропусти, туку пред сè политичко прашање, оценува универзитетската професорка Тамара Јованов во објава на социјалните мрежи.

Таа посочува дека корупцијата, непотизмот и кронизмот директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните, нагласувајќи дека насилството е последица и на политиките што го поттикнуваат или не успеваат да го сузбијат.
Јованов смета дека суштинските општествени промени бараат здрави политики и некорумпирани политичари, а јавниот притисок го гледа како неопходен механизам за контрола на власта, но не и како единствен извор на правда и функционален систем.
Нејзиниот статус го пренесуваме во целост:
„Безбедноста на жените и луѓето воопшто е ПОЛИТИЧКО прашање!
Корупцијата, непотизмот, кронизомот кои ја доведуваат оваа безбедност под знак прашалник – исто така!
Исто како секое друго прашање кое спаѓа под општествениот договор на основ на кој треба да живееме како современа, организирана заедница, т.е. нација во рамки на една држава.
Ова не е прашање само на домашно воспитување како што некои мислат, ниту пак е слабост на систем како апстрактна именка.
Насилството воопшто, е прашање на политики – или оние кои го сузбиваат или оние кои го поттикнуваат.
Кај нас, како резултат на политичка неписменост, која продуцира апстинирање од гласање, кое пак овозможува доминација на сервилно бирање на корумпирани газди/феуди на највисоки позиции од страна на помала група луѓе за ситни лични интереси, постои сериозно искривување на она што значи држава и кому таа му служи.
Лично не верувам дека кај нас протести се решение на било кој политички проблем, пред сè, бидејќи не верувам дека е возможно да бидат доболно масовни и доволно долго да траат, за да дојде до промена (ова и од искуство).
На промени можеме да се надеваме само ако на избори решиме масовно да гласаме против сите оние кои досега во овие 35 години биле на власт и коалиција на властите, а се покажале како штетни, т.е. погубни за државата и народот.
Јавен притисок е нужен во секој случај – сега и секогаш, како механизам за држење на власта под колку-толку, некаква контрола.
Но, тоа не е и нема да стане извор на правда или здрав систем во полза на луѓето.
За тоа ни требаат здрави политики, од некорумпирани политичари, оти квалитетот на живот во Македонија е ПОЛИТИЧКО ПРАШАЊЕ!
Јас знам кои се.
Кој не знае, нека се едуцира подобро, за да си открие дури уште има луѓе во државава“.





