Филипче: Околу 700 милиони евра неплатени обврски – власта ја загрозува ликвидноста на компаниите
Околу 700 милиони евра се доспеани, а неизвршени обврски на државата кон стопанството, власта ја загрозува ликвидноста на комапниите, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто во „Топ тема”, на телевизија Телма.

Филипче посочи дека огромните неплатени обврски, заедно со доцнењето на повратот на ДДВ, ја доведуваат во сериозна опасност не само ликвидноста на компаниите, туку и нивната можност да ги исплаќаат обврските и да ги задржат работниците.
„Факт е дека 700 милиони евра има доспеани неизвршени обврски на државата, како меѓу институциите, така и меѓу приватните компании, вклучувајќи ја сумата на пари за поврат на ДДВ. Компаниите едноставно повеќе ова не можат да го издржат. Се задолжуваат за да може да го преживеат месецот или изминатите месеци, меѓутоа тоа сериозно ја загрозува нивната ликвидност”, рече Филипче.
Тој предупреди дека последиците веќе се чувствуваат во стопанството и голем број компании се соочуваат со опасност од затворање и отпуштање работници.
„Огромен број на компании веќе се на работ да затворат и да ги отпуштат работниците”, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче посочи дека и покрај тоа што владата се обидува да го претстави и новиот Буџетот како развоен, реалните факти покажуваат приватен сектор кој се бори за опстанок, граѓани кои живеат во сиромаштија, држава заглавена во долгови.
„Не знам на што мислела министерката за финансии кога изјави дека дека буџетот ќе биде тежок, бидејќи единствено нешто што сега е тешко, а догодина ќе биде уште потешко, е животот на граѓаните, затоа што луѓето немаат пари, немаат пари да си ги покријат основни трошоци, немаат пари да си купат прехранбени продукти, да не зборуваме за цените на становите во Скопје и за другите инвестиции што семејствата треба да ги направат.Луѓето знаат дека од оваа власт не може да се очекува ништо добро – само сиромаштија, изолација, чекање на границите, периферија на Европа и ништо друго”, рече Филипче.
Филипче посочи дека проблемот не е само во висината на задолжувањето, туку и во тоа за што се трошат позајмените пари – дали за капитални инвестиции што носат развој и го подобруваат животот на граѓаните или за покривање на тековните трошоци.
„Многу битно зошто ги земате кредитите и зошто се трошат. Дали се трошат за капитални инвестиции, нешто што ќе носи раст и ќе го зголеми квалитетот на животот, или се земаат кредити за да се покријат тековните трошоци. И тоа е разликата во кредитите и каматите кои што се плаќаа во времето на владите на СДСМ и сега, тоа што ние го плаќаме како камати од домашното и странското задолжување. Да ве потсетам, ја спомнавте 2017 година, па тогаш се враќаа кредити за „Скопје 2014″. Нема ништо во буџетот што значи зголемување на квалитетот на животот на нашите граѓани”, рече Филипче.
Тој додаде дека секоја година власта ги повторува истите најави и проекции, без граѓаните да почувствуваат какво било подобрување на животниот стандард, а граѓаните не гледаат никакво подобрување.
„За 2025 година и ребалансот, и за 2026 година и двата ребаланси, истите работи ги кажува и ги ветуваа. Мед и млеко. А мед и млеко е само за нив после, во власта, а за народот ништо. Затоа што луѓето многу добро знаат како живеат и гледаат дека и новчениците и фрижидерите им се празни и дека овие бројки кои што ги кажува министерката апсолутно ништо не значат”, рече Филипче.




