Калас: Оваа недела може да биде клучна за дипломатијата, Украина треба да биде во позиција самата да се заложи за себе
Според нашите сознанија вчерашните разговори меѓу американските и украинските претставници посветени на мировниот план за Украина биле тешки, но продуктивни, изјави претпладнево во Брисел високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

– Ова недела може да биде клучна за дипломатијата. Јасно е дека Русија не сака мир и затоа треба да ја доведеме Украина во што е можно посилна позиција, за да биде подготвена самата да се заложи за себе во овие многу, многу тешки времиња, изјави Калас пред почетокот на денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ на ниво на министри за одбрана.
Таа истакна дека сè уште не и се познати резултатите од вчерашните преговори во САД, но дека денеска за тоа ќе разговара со министерот за одбрана на Украина Денис Шмихал, кој ќе учествува на заседанието на Советот, а потоа и со шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха.
– Украинците се таму сами. Ако беа заедно со Европејците, дефинитивно ќе беа во многу посилна позиција, но верувам дека Украинците ќе се заложат за себе, додаде Калас.
Затоа, според неа, потребно е да се засили притисокот врз Русите со понатамошни санкции и т.н. „заем за репарации“, од кој, како што рече, тие „многу се плашат“, како и да ѝ се даде целосна воена, финансиска и хуманитарна поддршка на Украина за да може да издржи и да ја совлада Русија.
На прашање за белгиското противењето на „заемот за репарации“, односно на користењето на замрзнатите руски средства за финансиска поддршка на Украина, Калас рече дека Белгија има оправдана загриженост во врска со ризиците од овој план, но дека сите други земји членки на ЕУ изјавиле дека се подготвени да ги споделат тие ризици.
– Затоа разговараме за овие работи и колку што ми беше кажано, Европскиот совет во декември нема да заврши без договор за финансирањето на Украина, додаде Калас.
Во однос на предлогот од мировниот план за ограничување на обемот на украинските Вооружени сили, Калас рече дека смета оти генерално неисправно е да се навлегува во одлуките на суверените земји за тоа колку е голема нивната армија.
– Но, ако има притисок за украинската армија, која не нападнала никого, тогаш исто треба да се изврши притисок и за руската армија. Руската армија е таа што претставува ризик за сите. Не зборувам само за европските земји, туку и за сите соседни земји на Русија. Ако ги погледнеме сите 19 земји што (Русија) ги нападна во последните 100 години, мислам дека сите тие се во опасност. Ако руската армија е голема, ако нивниот воен буџет е толку голем како што е сега, тогаш тие ќе сакаат повторно да ја употребат, рече Калас.
Таа нагласи и дека на денешниот состанок на министрите за одбрана ќе се разговара за понатамошната поддршка на Украина и за изградбата на европската одбранбена подготвеност и капацитетите за одбрана.






