Мицкоски: Издвојуваме двојно повеќе од европскиот просек, проблемот не е во парите туку во свеста на судиите и обвинителите

Бруто платата што ја добива почетник судија во Македонија е околу 19 134 евра годишно според извештајот на Советот на Европа, додека во Словенија таа плата е малку поголема од 34 000 евра. Притоа, за БДП во Македонија истиот Извештај вели дека е над 6 600 евра по глава на жител, додека за словенечкиот дека е над 27 000 евра по глава на жител. Со други зборови, платата на судија почетник во Словенија е за отприлика за 85 отсто поголема од платата на судија почетник во Македонија, во услови кога БДП е за 350 проценти поголем од БДП во Македонија, рече вечерва премиерот Христијан Мицкоски.

Во интервју за „360 Степени“ на МТВ, Мицкоски посочи дека разликата со Словенија е три спрема еден, а во услови кога БДП во Македонија по глава на жител е 6 600 евра и во услови кога БДП по глава на жител во ЕУ е над 30 000 евра, тоа е пет спрема еден.

На прашањето дали треба да се дадат повеќе пари за правосудството, за судовите и јавните обвинителства поефикасно да работат и да испорачуваат поквалитетна правда, Мицкоски го потенцираше фактот дека ние како држава одвојуваме за правосудството повеќе пари од просекот и од медијаната на земјите опфатени со извештајот изготвен од Советот на Европа, односно земјите членки на Советот на Европа.

-Ние издвојуваме 0,39% од БДП според анализата на Советот. Според нашата е 0,44%. Европскиот просек е 0,30%. По БДП по глава на жител, издвојуваме три пати помалку од европскиот просек, во услови кога нашиот БДП е пет пати помал, потенцира премиерот.

Тој се повика и на податок од Албанија. Таму, рече, процентот е 0,2 отсто, односно двојно помалку отколку во Македонија по глава на жител.

На прашање пак дали финансирањето на СЈО би бил добар пример за финансирање на правосудството, Мицкоски рече дека не може да биде добар модел за финансирање, зашто на крај заврши спакуван во куфер „Луј Витон“.

Мицкоски нагласи дека за состојбите во правосудството проблем не се парите, туку свеста и дополни дека судиите се соодветно платени за да испорачаат многу повеќе од тоа што сега го испорачуваат. Притоа укажа дека платата на претседател на Основен суд е поголема за 25 отсто од премиерската плата.

Мицкоски повторно посочи дека во правосудството има многу чесни обвинители и судии, за разлика од малкумината кои влегуваат во јавни преписки со него. Притоа го повтори предлогот, да се достави список со информација до Владата за тоа што им е неопходно – за нови вработувања асистенти и истражители, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да го одобри тој список, а Владата ќе го прифати како зголемување.

-Прифаќам, самите да си сработат список, да им одобри Судски совет или Совет на јавни обвинители, како што бараат за тоа што сакаат да го вработат и што им е неопходно, и тоа ќе го прифатиме како зголемување. Нека направат список колку им требаат истражители, колку асистенти, нека направат систематизација, нека унапредат тие како мислат, нека им го одобри Судскиот и обвинителскиот совет и нека не информираат дека во Буџетот за оваа цел ни се потребни толку пари и ќе ги одобриме. Јас сум одговорен кон парите на граѓаните што се трошат, како се трошат. Јавно порачувам, направете список, кажете колкави се фискалните импликации, со ребалансот ќе бидат дополнети тие пари. И тоа е јавно кажано неколку пати. Бидејќи сега имаат предвидени за цела година средства во Буџетот за плати за вработените во судството, во првите четири-пет месеци ќе се потроши дел од тие пари, и за нововработените ќе биде малку поголем тој дел, а таа разлика со ребалансот ќе им биде вратена за целата година, посочи премиерот Христијан Мицкоски.

Back to top button
Close